ШтоТиТежи: Студентка сум, како да се справам со мојот патријархален татко?

Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Доаѓам од семејство кое се слуша само мажот што ќе каже и како ќе каже, мора да се слуша. Веќе некое време психички имам проблеми од ситуациите дома што ми се случуваат и тешко наоѓам концентрација и мир за да можам да учам, бидејќи сум на факултет. Со мајка ми и помалата сестра се држиме цврсто, за брзо ќе си одиме од домот во кој што сме моментално. Свесна сум што се случува но сум беспомошна, бидејќи цело време пари се во прашање, пари нема итн.

Како да се справам со ова? Што да направам бидејќи веќе немам начини и не можам убаво и разбирливо да комуницирам со татко ми. Како да најдам мир? Се пробавме со мајка ми но тој по старо си тера.

Здраво,

Ти благодарам што сподели со нас толку значајна тема за тебе. Доколку ги читаш овие одговори кои ги пишуваме, ќе забележиш дека често пати разработуваме теми поврзани со семејството. Конфликтните ситуации се многу чести бидејќи речиси и да не постои семејство во кое се е совршено.

Од она што успеав да го прочитам се работи за некаков застој во односот со твојот татко. Бидејќи се уште студираш и на некој начин си финансиски зависна од твоите родители постојат неколку насоки во кои можеш да погледнеш. Пред да ти понудам некакво размислување, би сакала да напоменам дека е многу важно да го погледнеш односот со твојот татко изолирано од неговиот однос со другите членови во семејството. Што е тоа што те прави несреќна во односот со него? Што ти недостига? Во ситуации во кои сме ранливи и повредени често пати се случува да зборуваме од позиција на лутина и да заборавиме да ги сместиме емоциите и она што не боли, во зборовите кои ги употребуваме. Ваквата позиција често пати не носи на место на кое не сме слушнати и не сме разбрани.

Нашите родители се личности кои не ги бираме но најмалку за кое може да им бидеме благодарни е што не донеле на овој свет и што сме се родиле благодарение на нив. Ваквата појдовна точка не поддржува во процесот на прифаќање на она што тие се како и прифаќање на разликите кои се појавиле со текот на годините. Секако, тоа не значи дека доколку се наоѓаш во токсична средина треба да останеш таму. Насока во која би можела да гледаш е сепаративниот процес во кој се наоѓаш. Какво сакаш да биде твоето идно живеалиште? Дали можеби размислуваш за некаква работа и финансиска независност? Што би можело во овој момент да ти помогне и да те поддржи во процесот на одделување од примарното семејство и она што те прави несреќна?

Во случаи во кои се работи за финансиски застој првото нешто кон кое најчесто се осврнуваме е креирање на сопствен фонд кој би ни донел финансиска независност. Од тука можеш да разгледуваш многу начини на кои тоа можеш да го постигнеш. Твојата идна кариера, работни позиции кои би ти овозможиле поголема слобода и слично.

Ти благодарам што го сподели со нас она што ти тежи и ти посакувам успех во твоето растење и трагање.

Одговорот е даден од Тиана Ивановска, дипломиран психолог и психотерапевт под супервизија при Гешталт Институт Скопје. Дипломира во 2017 година на Институтот за психологија при Филозофски Факултет и истата година се запишува на Магистерските студии по Стратегиски менаџмент на човечки ресурси на Еконосмки Факултет при УКИМ. Паралелно 6 години посетува едукација за Гешталт психотерапија при Гешталт Институт Скопје. По дипломирањето работи на повеќе проекти, меѓу кои соработки со невладини организации во сферата на подобрување на менталното здравје кај младите со посебен акцент на адолесценти и студенти. Добитник е на многу сертификати и дипломи за успешна соработка во доменот на психологијата и менталното здравје.