ШтоТиТежи: Не издржувам ни еден ден без да се видам со партнерот

Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Не можам да дозволам да поминам ден без да се видам со партнерот. Премногу сум опсесивна и на некој начин зависна од него. Имам чести љубоморни испади (што не ми се случувале во претходни врски), и постојан страв дека ќе ме остави и дека нема да успеам да се снајдам сама. Порано бев поладна и независна ама откако сум со него, живеам во постојан страв дека ќе ме напушти. Го гушам него, а и себе си. Кога не може да ми посвети доволно внимание предизвикувам кавги само за да го добијам, а за тоа сум свесна откако ќе ми помине лутината или кога ќе седне тој да разговара со мене, полека и опширно за да сфатам и сама дека причината е банална. Инаку врската ни е прекрасна кога ги нема ваквите епизоди и сме заедно скоро три години. Тој вели дека ме разбира, ама има денови кога ни сама не можам да се трпам не па некој друг.

Kако би можела да ги контролирам моите емоции? Дали можам да го отстранам овој мој нарцисоиден начин на однесување? Дали тоа што израснав така емотивно ладна да речеме и независна, има врска со ова што ми се случува сега откако почувствував како е кога некој се грижи за мене и стравот да не го снема тоа? Ви благодарам.

Одговара Сања Стефановиќ:

Драгa,

Најпрвин сакам да ја погледнеме дефиницијата за љубомора. Таа претставува комплексна емоција која во својата основа носи повеќе дополнителни емоции како што се стравот и лутината. Ние чувствуваме љубомора кога стравуваме дека некого можеме да загубиме. Лути сме дека тоа може да се случи и сме несигурни во тоа колку лицето ни е лојално и навистина ни припаѓа. Во твојот случај, тоа е твојот партнер.

Оваа емоција е сосема нормална и сите сме ја почувствувале во одреден интензитет. Но, опсесивното фиксирање на неа може да донесе бројни проблеми, од закочување на нормалното секојдневно функционирање на парот, до насилство. Најпрвин, сакам да го поздравам тоа што ја препознаваш оваа емоција кај себе и што си спремна да побараш помош за однесувањата кои се предизвикани од неа. Првиот чекор е токму тој, да можеш да забележиш точно во кој момент се чувствуваш така, кои дополнителни емоции ја придружуваат љубомората, кои мисли ти поминуваат низ глава во овие моменти и како ти самата се однесуваш. За да можеш полесно да го детектираш се ова, ти предлагам неколку прашања што можат да те водат низ тој процес. Запрашај се што ја предизвика љубомората сега? Дали секогаш во ваква ситуација се чувствувам љубоморно? Кои емоции се појавуваат со љубомората? Од што се плашам? Што ме лути? Што ме прави несигурна? За што сум тажна? Што правам јас самата во ситуации кои сум љубоморна?

За да можеш подобро да ја разбереш оваа емоција, предлагам да започнеш со пишување на дневник. Тој не мора да биде опсежен, ниту пак често да го пополнуваш, но пишувањето може да ти биде од корист за ти самата да се запознаеш себеси подобро. Низ овој процес на само-рефлексија ќе дојдеш до лични увиди за тоа како ти воспоставувааш релации со лицата кои ги сакаш и што тие ти значат, а особено е значајно какво значење има за тебе отсуството на блиските.

Сакам како поддршка на ова што ти го пишувам да напоменам дека лицата кои имале искуство со губење на некој кој за нив е многу значаен рано во детството, најчесто несвесно, или стануваат повеќе врзани во следни нивни релации или многу тешко остваруваат релации. Доколку некој од родителскиот пар, или пак и двајцата, се отсутни во грижата за детето во години кога тоа самото не може да се грижи за себе, тие оставаат простор детето да развие независност и како што самата велиш да биде „емотивно ладно“. Независноста е одлично нешто, тоа значи дека ти самата можеш да се потпираш на себе, но тоа не значи и дека мораш. Нашите родители, блиски или минати партнери ни дале онолку колку што можеле или знаеле во тој момент, а нам ни останува да им простиме и да се стремиме кон тоа да напредуваме, растеме и да се развиваме.

Сега би сакала да се насочам кон вториот чекор, кој според тоа што го имаш пишано, го презел твојот партнер. Многу е значајно да можете да разговарате за тоа како ти се чувствуваш, но како и тој се чусвтвува. Немам претстава колку често разговарате за тоа, но откако ќе дојдеш до своите увиди, убаво е да ги споделиш со него. Не зборувам за обвинување, препирки и префрлање, туку за искрен и зрел разговор за тоа што тебе ти се случува. Кое негово однесување е тригер за тебе и кои емоции се дел од твоето искуство. На тој начин тој ќе биде вклучен во овој твој процес и ќе можете заеднички да гледате во тоа што е, а што не е.

Сакам да ве поканам и двајцата да гледате во сегашноста. Сите ние имаме минато и тоа е таму, во минатото. Но, животот можеме да го живееме само во сегашноста. Затоа, гледајте во тоа што можете да го ко-креирате сега и тука. Оставете го минатото да мирува и враќајте му се само кога треба да се потсетите на стари лекции од тоа што било некогаш. Верувам дека и тебе не ти било лесно и дека и во твоето минато има искуства на загуба, дали привремено отсуство или трајна загуба на некој што ти бил значаен во тој момент. Тоа е некоја твоја лекција, но искуството те учи и дека твојот парнер не сака да те напушти и дека после 3 години се уште е тука.

Имај на ум дека апсолутна контрола не е возможна, ниту пак, потребна. Оваа реченица може да ти донесе анксиозност, но и ослободување од одредени очекувања кои сме ги повнатрешниле. Со оглед на тоа што периодов практикуваме само-изолација, ова може да биде одличен простор, за тебе најпрвин, да се бавиш со овие процеси. Нормално, без притисок дека мора веднаш и дека мора да навлегуваш во своите најдлабоки длабочини. Се во свое време. За сега, гушкајте се, галете се, кажувајте си колку се сакате.

Сакам да знаеш дека ова писание не е покана за затворање на очите. Тоа што ти го носам не е во насока на тоа ти да влезеш во состојба на лековерност и крајна слепост за тоа што се случува околу тебе, туку е во насока да се запознаеш себеси и корените на твојата љубомора, за да можеш да градиш релација на доверба, поради тоа што, само и така можете да негувате здрав партнерски однос.

*Сања Стефановиќ е психолог, Гешталт психотерапевт и едукатор. Таа има богато искуство во неформално образование и работа со млади во рамките на невладиниот сектор. Во моментот работи во Gestalt in Organizations – GO Center for professional development and couching.