ШтоТиТежи: Ми пречи изолацијата – сакам да излегувам, да се дружам, да патувам

Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Здраво, јас сум по природа многу екстровертен лик – сакам да излегувам, да се дружам, да возам точак, да планинарам, да патувам. Доволни ми се неколку часа во денот да си посветам на себе и да ми е доволно време за „self-care“. Затоа оваа изолација по дома многу ме оптоварува. Ги користам прошетките за кучето надвор, се гледам со другари виртуелно, ама не е тоа тоа. Некогаш ми доаѓаат напливи на енергија и не знам кон што да ја насочам – се чуствувам како да се стегам и собирам. Полициските часови за викендите едвај ги поминувам, буквално се осеќам како да се гушам. Не живеам сам, ама и на мојата девојка многу и создавам нервоза, иако неа не и пречи да поминува дома време и пробува да ми удоволи и да ме смири.

Ми требаат некои начини за смирување и канализирање на енергија. Не ми пречи да поминувам време сам, туку тоа што сум затворен во 4 ѕида. Не ми е лесно да си ги сменам навиките и начинот на живот целосно за толку кратко време.

Одговара Тиана Ивановска

Здраво, најпрво сакам да ти се заблагодарам за твоето барање помош и обраќање кон нас во овие критични моменти. Она што се случува во моментов со нашата држава, континент и целата планета е ситуација во која никој од нас предходно не се нашол. Тоа е место кое за сите нас е ново и како такво сосема нормално е да не вознемирува и да не знаеме како да се носиме со него. Од она што го видов во описот на твојата ситуација можам да заклучам дека се работи за сосема нормална реакција на вознемиреност затоа што како што и самиот велиш од мал се занимаваш со спорт и имаш огромен извор на енергија кој во моментов само се полни ,а не се празни.

Она што сакам да ти го кажам пред се е дека од 5 часот наутро до 16 часот попладне има точно 11 часа кои може да се искористат што е речиси идентично на 12те просечни активни часови кои ги минуваме во текот на денот кога не сме во полициски час. Значи имаш цели 11 часа кои можеш да ги минеш надвор од дома, во изолирана средина и да ја искористиш целата насобрана енергија. Сепак, ова е привремена ситуација во која се наоѓаме и нема да трае засекогаш. Но она што може да го направиме е да се обидеме да се адаптираме на начин што е за нас прифатлив. Како ти се чини да пополека ги менуваш часовите кога заспиваш и оние кога се будиш како би можел да искористиш повеќе од активните часови кои ти се оставени на располагање?

Во поглед на твојата вознемиреност, може да погледнеме малку во неа и да провериме кои сознанија може привремено да те смират. Што е она што те вознемирува? Дали е можеби помислата дека ситуацијата излегува од контрола? Можеби постои одредена сензитивност кон промени на средината во која живееш? Можеби целата ситуација те носи на место на кое не можеш да го видиш крајот на сето ова, конечниот исход? Каков е твојот однос кон неизвесни ситуации и ситуации над кои се чувствуваш како да немаш контрола?

Низ одговорите на овие прашања ќе дојдеш до подлабок увид до вистинскиот тригер на твојата вознемиреност. Во суштина не постои човечко суштество кое не се вознемирува во одредена ситуација и под одредени околности. Еден од начините да ја намалиме вознемиреноста е токму тоа да ги видиме тригерите и да ги уважиме како такви. Овој период е навистина тежок за луѓето кои живеат стабилно рутиниран живот, имаат одредени навики кои секојдневно ги повторуваат ,а сега се оневозможени во истото. Но она што можам да ти го донесам е дека истите навики може да се продолжат само во поинаков контекст и со поинаков интензитет. Како можеш безбедно да ја задоволиш твојата потреба за спорт за време на викендите? Дали можеби можеш да и предложиш на твојата девојка да следите некоја онлајн програма за вежбање која ќе ја правите од вашиот дом? Дали можеби ќе ти помогне учењето на некоја нова вештина, или пак некој нов странски јазик? Како ти се чини идејата да смислите некој заеднички проект, можеби бизнис идеја, план за работа? Креативното изразување е исто толку важно колку и физичкото ,а во оваа ситуација токму слободното време ти дава шанса да ги правиш сите работи за кои порано не си наоѓал време.

За вонредните ситуации не можеме да бидеме подготвени и не можеме да ги држиме под контрола бидејќи се вон редни. Но она што може да го направиме е да научиме важни лекции од нив и да ги ставиме во функција. Токму тоа е место на кое учиме, растеме, стануваме по свесни за себе и учиме како да се справуваме со слични ситуации во иднина земајќи во предвид дека оваа ситуација има крај ,а токму до тој крај сме секој ден се поблиску.

Ти благодарам што со твоето искуство ја збогати оваа рубрика и ни донесе многу важна тема за дискусија.

Тиана Ивановска е дипломиран психолог и психотерапевт под супервизија при Гешталт Институт Скопје. Дипломира во 2017 година на Институтот за психологија при Филозофски Факултет и истата година се запишува на Магистерските студии по Стратегиски менаџмент на човечки ресурси на Еконосмки Факултет при УКИМ. Паралелно 6 години посетува едукација за Гешталт психотерапија при Гешталт Институт Скопје. По дипломирањето работи на повеќе проекти, меѓу кои соработки со невладини организации во сферата на подобрување на менталното здравје кај младите со посебен акцент на адолесценти и студенти. Добитник е на многу сертификати и дипломи за успешна соработка во доменот на психологијата и менталното здравје.