ШтоТиТежи: Како да се ослободам од анксиозноста?

Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Година и половина имам анксиозност што ми предизвикува сериозни здравствени проблеми. Страшна болка во гради за време на стресни ситуации. Не се чувствувам прифатено, ниту од моето семејство, ниту од мојот партнер. Не знам како да се помогнам, освен што понекогаш знам да напишам нешто што ми тежи. Како да се ослободам од анксиозноста, веригите кои ме влечат надолу, непочитувањето од моето семејство, напнатиот однос со партнерот и како да обезбедам само еден среќен дека земајќи во предвид дека сум „алергична“ на луѓе.

Ти благодарам што го сподели она што ти тежи. Се надевам дека преку овој одговор ќе отвориме некои можни перспективи и идеи за објаснување и надминување на состојбата.

Она што можам да го добијам како информација е најпрвин твојата психосоматска состојба на вознемиреност (анксиозност) и болки во градите. Многу често се случува доколку имаме некој психолошки проблем, тој истовремено да биде пропратен и со телесни манифестации. Можно е некои наши чувства да бидат проследени и со телесни симптоми. Тогаш можеме да увидиме дека и телото ни дава сигнали дека се изложуваме на некој притисок кој е поинтензивен во определен период. Истовремено, овие телесни симптоми можат да бидат водич кон нашите чувства, доколку се насочиме и се посветиме на нивно истражување.

Она што можеш да го направиш кога ќе почувствуваш напнатост и болка во градите е да размислиш и препознаеш која емоција е во основата на оваа состојба. Во вакви случаи можат да помогнат и различни техники на опуштање како што се техники на дишење и слично.

Исто така, она што го забележувам како значајна информација од твоето прашање е  чувство на неприфатеност кое се однесува на семејната и партнерската сфера. Честопати, од нашето доживување на светот зависи и како ќе ги доживуваме релациите со луѓето во околината. Можеби ова можеме да го поврземе и со односите во семејството. Во семејството учиме да градиме доверба со околината. Доколку семејната средина е покрута и исполнета со недоверливост, критика и насилство, детето ќе ги усвои овие пораки и врз основа на нив ќе ја формира и сопствената слика за светот околу себе.

Кога сме жртви на критика и насилство, многу често се случува и самите да го перцепираме светот како непријателско место, бидејќи такви се пораките кои ги добиваме од околината, а ние реагираме со нашето однесување на нив. Понекогаш и врз основа на овие искуства, детето ја гради сопствената перцепција на светот. Тешко ни е да изградиме доверба кон луѓето доколку немаме доверба или ги доживуваме како критичари или како некои кои не не прифаќаат. Доколку ние го прогласиме светот како непријателско место за нас, тогаш ќе сме во постојан грч да се заштитиме од „страшниот и непријателски свет“. Ова на микро план може да се доживее и како неприфатеност од најблиските и околината. Секако ова е тема на која би можел да работиш и попродлабочено низ тераписка сесија.

Односите со другите луѓе, особено блиските, се во постојана промена. Некои идеи и прашања за размислување би биле: што јас како личност правам за да се чувствувам неприфатено, како реагирам и се справувам со критиките на блиските, со колку доверба им пристапувам на другите, како имам доживување дека само мене не ме прифаќаат и разбираат, дали споделувам и разговарам со блиските за моите чувства на неприфатеност и сл.

Во оваа прилика би сакала да те охрабрам да се посветиш и на својот личен раст и развој. Се надевам дека успеав преку овој одговор да дадам некои идеи и насоки за справување со актуелната состојба.

Одговара Ана Попризова, училиштен психолог, психотерапевт и тренер во Гешталт Институт „Синергија“ – Скопје