ШтоТиТежи: Кај се најде баш сега да се појави коронава, сите планови ми пропаднаа

Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Последниот перид се ме излудува. Веќе не ги трпам моите дома, социјалните мрежи ми здосадија, ме нервира факултетот. Имам уште еден испит за да дипломирам, инаку студирам општествени науки, и со целава ситуција не верувам дека  ќе се снајдам со работа, што само ми создава дополнителен стрес и нервоза. Кај се најде баш сега да се појави коронава, сите планови ми пропаднаа. Штедев, зашто планирав оваа пролет малку да  патувам и да ги посетам пријателите во странство, и тоа пропадна, среќа немав купено авионски билети. Почнав да барам работа, и од тоа ништо како што тргнале работите. И брат ми е студент, мајка ми остана без работа периодов, мислам дека не можеше да биде полошо. Се фаќам како гледам во точка и не знам како понатаму. Ми иде да викам, ама и тоа не можам да го направам зашто сме гужва по дома. И моите гледаат дека нешто не е во ред, ама што да им кажам, кога нема ништо, и се не е во ред!

Што ако ова не заврши брзо, дали ќе се врати се во нормала? Како да си помогнам во оваа ситуација и да не излудам и јас и тие околу мене?

Одговара: Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт

Драга Мина,

Во овој период некако нормално е сите работи да не функционираат нормално. Поточно сите се обидуваме некако да се адаптираме на овие ненадејни и на некој начин ризични промени. Ризични не само во однос на тоа што навистина сме во ситуација на пандемијата, изолирани, и некако секој оставен на своето, туку затоа што со овие изненадни промени ние одиме против себе и сè она што го знаеме за себе. Најмногу ни се ограничува слободата, движењето, творењето, надежта, оптимизмот, мотивацијата, вербата, амбицијата, и уште многу. Но што доколку ништо повеќе нема да се врати како што било? И што доколку таа постојана потреба за враќање во нормалното е илузија? Што ако мора да измислиме друга илузија- наша нова визија за да не води, и да развиеме поинакви пристапи кон сопствените соништа, сопствената мотивација, еланот и иднината?

Токму нашата иднина, во овој значаен момент, и сè она што го проектираме во неа од позиција на привидна безбедност е многу несигурна, нејасна и знае да не вознемири и уплаши, да створи немир, а да незнаеме кому тој немир да му го упатиме. Честопати, кога вознемиреноста е голема, и незнаеме како да ја канализираме и испразниме од системот, ја преместуваме онаму каде што осеќаме и поголемо разбирање и поголема слабост  кон најблиските и  кон семејството. И кога неможеме да се биеме со непријателот или системот, со нив- најблиските полесна е борбата а некако ни носи барем некакво задоволство. Сепак, привид е да се мисли дека ако ја испразнам нервозата помеѓу моите со кои сум најчесто затворена во изолацијава, дека ќе доживеам растеретување. За жал, не се постига посакуваното растеретување и многу почесто се оптеретува системот со дополнителна вознемиреност во кој ти може освен гневно да се чувствуваш и виновно многу повеќе од претходно. Би можела да пробаш да најдеш побезбедни, поконтруктивни и поолеснителни начини за растеретување на нервозата и немирот. Воедно би можела да се обидеш да се грижиш за другите, давајќи им повод и тие да се грижат за тебе, затоа што таа грижа е неоходна за да не те изремети целосно ситуацијава и последиците од истата.

Она што во периодов ми претставува значајна одредница за како и во што ќе ја инвестирам мојата толку ценета но ограничена животна енергија, е што е она што можам да контролирам, она што зависи од мене и е моја одговорност, а што не е во моја контрола, што неззависи од мене и не е моја одговорност? Еве ти го поставувам прашањето и тебе, а воедно низ истото гледам и на твојата проблематика. Многупати сретнувам и луѓе кои за секој доживеан и виден неуспех периодов ја обвинуваат пандемијата. Што ако во еден дел пандемијата не влијае, туку нашето гледање на сопствените капацитет во таа ситуација, како и сопственото видување на ситуацијат : како лична можност или лична пропаст?  Биди свесна, дека она што си го завлекувала и си одбивала да го завршиш не е некоја нова „корона“ приказна, туку е приказна од поодамна која станува актуелна сега, затоа што многу потешко можеш да ја избегнеш сопствената одговорност, сега и во ваков контекст. Така, наместо да ја избегнуваш, би можела да ја прифатиш ситуацијата како нешто што е присутно и во чии услови потребно е прво да разрешиш сè она што си потиснувала за да продолжиш полесно понатаму.

Навистина ми е жал за ситуацијата низ која поминува твојата мајка и целото твое семејство со нејзината изненадна невработеност, верувам дека тоа кај неа најмногу креира чувство на незадоволство и неуспех. За жал, тоа некако е и приказна на многумина периодов, и се разбира дека во вакво време, знае да претставува значителен значаен удар, кој би те натерал и тебе и сите кои поминуваат низ ова да си го поставиш прашањето на кое често не се наоѓа лесно одговор: Чуму, да планирам и да се надевам дека ќе станам она што го посакувам, кога ете доаѓа момент, ситуација, јас да станам заменлива и да ме чека истата судбина? Едноставно, со нејзината  несакана и непожелна ситуација, дополнително ти се дотрошила сликата за некаква професионална вредност. Посебно значајно е дека станува збор за пренос на чувство на намалена вредност низ женска линија, што патем речено во оваа наша култура е  многу полесно да се види и живее, поточно многу е потешко да се биде самоуверена жена. И доаѓаме до тоа, дека врз нашата вредност многу влијаат личностите и настаните кои ни се значајни. Така за тебе е многу значајно да одлучиш дали вредноста единствено ќе ти ја дефинираат надворешни фактори и случувања и ригидните родови дефинирања или ќе се обидеш да дозволиш да ја дефинираш и изградиш самата.

Од она што го читам во твоето прашање, воочувам дека наместо да си го расчистиш патот до личниот успех, ти си наоѓаш многу повеќе изговори за да не успееш. Што би направила доколку дознаеш во еден момент, дека сè она што си помислила дека нема да успееш, не е воопшто точно? Како ќе се чувствуваш тогаш? Можеби ќе си речеш, џабе сум чекала толку долго кога е многу лесно да се успее доколку сакам. Но, дали постои доказ кој однапред ќе ти гарантира успех? Нема таков! Непостои! Постои сопственото убедување дека си предолго на овој пат, да се откажеш сега.

Еве една кратка визуелизација за тебе. Седни удобно, спомни си колку години имаш, 23 години, тоа е некакво убаво животно искуство, ќе се сложиш. Сега, помисли на сите години поминати на овој пат, на кои има многу но не премногу. Помисли на целата надеж, верба и убедување кои ги имаш инвестирано во она што си сега и каде си стигната, ќе се сложиш не е малку. Помисли и на сè она што си постанала како резултат на сопственото образование и интерес, постигнувањата и во формален и во неформален сетринг. И тоа верувам не е малку. Помисли на сè она што овој твој животен пат ти има подарено и одземено, те има научено на потежок или полесен начин. Ќе се сложиш дека имало од сè по малку, но не премногу. Сега повторно помисли на сè ова и помисли колку тоа е доволно за овие 23 години. Сега, одеднаш, сето она што го виде и приспомна замисли го како грст на испишани хартии кои лежат во твоите раце, нема малку листови ќе се сложиш. Тоа е некое привлечно четиво. Сега сето она што така напластено и спокојно лежи на твоите раце, спакувај го и спреми се да го фрлиш од највисоката литица, во најдлабоката бездна, од која нема враќање, затоа што е небитно? Дали би можела да го направиш тоа? Што те спречува да го направиш? Дали ти изгледа дека доколку го фрлиш како да се откажуваш од се она што те означува тебе? Тоа не е воопшто убаво чувство. Чекај, ништо не е завршено сеуште, ти се уште имаш моќ да ги смениш работите. Што би сакала да направиш со преживеаното четиво за тебе? Како се осеќаш сега откако го направи тоа? Дали го чувствуваш посвое, дали се чувствуваш поцелосна, дали е само  твое и ничие друго? Остани со тоа доживување и помисли дека сега го живееш моментот кога си избрала да се задржиш себе си блиску, и да веруваш во она што си го градела цел твој живот. Колку прекрасно чувство.

На крај, сопствената слика во која гледаш, колку и да е нешто што несакаш да го гледаш и доживуваш, сепак ти носи одредена стабилност и безбедност, затоа што ти е познато, колку и да ти штети. Да знаеш која си, без разлика дали ќе успееш или не онака како што си зацртала, значи да си ги предвидиш однесувањата и полесно да ти е да се разбереш. Но што ако сакаш повеќе, што ти треба повеќе? Што кога можеби таму некаде се креира можноста токму за тебе, и што кога таа можност не зависи од никој друг сем од тебе? Дали тогаш ќе бидеш спремна да се погледнеш и на друг начин? Знај дека, сè додека не го направиш првиот поситен чекор поинаков и послободен, неможеш да започнеш да градиш поинакво и попосакувано чувство за севе. Така ти успеваш, од неприликата да создадеш прилика, од немирот, разбирање и смирување.

Ти посакувам убава себе-експлорација и себе-откривање. Колку е тоа возбудливо нели?

Радмила Живановиќ е лиценциран психолог- психотерапевт (EAGT/ECP), магистер по комуникации. Својата психотераписка пракса ја спроведува во рамките на Психотерапика – Здружение за психологија и психотерапија преку која негува и развива интегративен пристап во програмите за  психоедукација, психотерапија и советување. Учествувала и организирала многубројни јавни, медиумски и конференциски презентации и психоедукации поврзани со развојот на менталното здравје на граѓаните, со акцент на деца, млади и нивните семејства. Има искуство со координирање неколку психоедукативни рубрики заедно со тим на колеги психолози-психотерапевти. Живановиќ e aктивен член на управниот одбор на Комора на психолози и организатор на дел од програмите за унапредување и промоција на професијата и приватна пракса, и на Денови на Психологија, платформа за психолошки активизам во однос на унапредување на менталното здравје. Контакт: radmila.zivanovic@gmail.com, psihoterapika@gmail.com