Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1.„Синовак“ омилена меѓу студентите – Радио МОФ во пунктот за вакцинација на УКИМ

Секој работен ден од 8 до 14 часот во кампусот на приземјето на Економскиот факултет во Скопје е отворен вакциналниот пункт за Ковид-19 за студентите. Таму секојдневно се вакцинираат по околу десеттина студенти, но медицинскиот персонал очекува бројката да се зголеми со почетокот на новата академска година. Радио МОФ беше во посета на овој пункт.

2.Пластичните кеси се забрануваат – активисти резервирани како ќе се спроведе забраната

Пластичните кеси од 1 декември се забрануваат, а на пазарот ќе се продаваат биоразградливи ќеси за 15 денари по парче кои ќе треба да бидат произведени според пропишани стандарди за биоразградливост. Ова се предвидува во Законот за управување со пакување и отпад од пакување кој Собранието го донесе пред два дена.

Но, од Иницијативата за забрана за пластични кеси за Радио МОФ велат дека колкаво поместување во позитивна насока ќе донесе новиот закон, ќе зависи од понатамошниот тек и подготвеноста на институциите и Министерството за животна средина, за, како што додаваат, овојпат доследно да го спроведат законот.

3.[Галерија] Статуафест: Секојдневието во Скопје прикажано низ живи статуи

Што прават скопјани во своето секојдневие низ улиците на градот, е темата на годинешното издание на Статуафест кој се одржува вечерва и утре на улица „Македонија“. Радио МОФ беше во посета на петтиот „Статуафест“ во организација на здружението на граѓани ТимТеатросК – Театроск.

4.„Мети си со Класнето” со нови походи во борба со загадувачите на животната средина

Младите активисти од веќе познатата битолска иницијатива „Мети си со Класнето“ повторно ги засукаа ракавите за чистење на расфрланото ѓубре во Битола и околината. Акција која започна по иницијатива на професорката по англиски јазик Марија Магдалена Петковска Микаровска од ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ од Битола и нејзини ученици доби огромно внимание во јавноста.

5. Тимот на Радио МОФ е добитник на ЕУ наградата за истражувачко новинарство

И за крај да си се пофалиме! Тимот на Радио МОФ составен од новинарите Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски и Емилија Петреска ја доби првата награда на годинешниот конкурс за најдобра истражувачка сторија објавена во 2020 година. Наградата на Европската Унија за истражувачко новинарство беше доделена за регоналната сторија за балканскиот рис.