,,Мети си со Класнето” со нови походи во борба со загадувачите на животната средина

Младите активисти од веќе познатата битолска иницијатива „Мети си со Класнето“ повторно ги засукаа ракавите за чистење на расфрланото ѓубре во Битола и околината. Акција која започна по иницијатива на професорката по англиски јазик Марија Магдалена Петковска Микаровска од ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ од Битола и нејзини ученици доби огромно внимание во јавноста.

Изминатите денови тие добија огромна поддршка од 100-тина граѓани меѓу кои волонтери, ученици, средношколци, индивидуалци, но и граѓански организации, па заеднички го „окупираа“ Дихово, каде собраа речиси 70 вреќи на ѓубре.

Во интервју за Радио МОФ, професорката Петковска Микаровска зборува за идејата на овие акции, но и колку младите може да придонесат за животната средина во своите градови. Во продолжение, прочитајте го разговорот:

Дали пандемијата ја зголеми свеста за екологијата кај младите?

Пандемијата не влијаеше подлабоко, за да ја зголеми свеста за екологија кај младите. Можеби кај мене, поттикната од поголемото престојување во домот, ме натера да размислувам околу овој проблем, да барам и да донесувам решенија, да барам истомисленици, да го зголемувам кругот со луѓе кои ѝ мислат добро на планетата Земја. Со тие луѓе сега, кога пандемијата е на заминување, ги правам најголемите и најубавите акции за лоцирање и чистење на депонии низ Битола.

Што ве натера да излезете од комфорната зона и да тргнете да ги менувате работите, наместо да критикувате дека нешто не чини?

Таков човек сум по природа (што би рекол син ми кој има 8 години). Едноставно, сите во моето семејство сме луѓе од акција. Кога ќе замислиме нешто, ораме до крај. Мислам дека го одбрав потешкиот пат за одбирање на животен простор.

Колку акции досега имате организирано и дали битолчани сакаат да ги засукаат ракавите и да направат нешто? Каде се властите, ви помогнале ли во некоја акција?

После десеттата акција, престанавме да броиме. Акции правиме по потреба, онолку колку што ни дозволува нашето слободно време, зашто сметајте дека во овие акции се вклучени ученици кои следат настава, а ова го работат како општествено одговорна и корисна работа, про боно се разбира. Битолчани се поделени во три категории кога е во прашање нашата активност: едни ни се придружуваат каде и да чистиме, други нè поддржуваат на збор и со лајкување на акциите, а трети бегаат од нас кога ќе нè видат на акција.

Многу често ве гледаме со учениците на улица. Дали овие генерации имаат капацитет да направат промена, кога повозрасните очигледно некаде потфрлиле?

Покрај моите две родени деца, јас имам и туѓи деца кои си ги викам свои. Ги сакам исто како и моите, им подвикнувам понекогаш. Да, тие можат да го променат светот. И ќе го променат.

Што ни треба за Битола и целата земја да бидат поубаво место за живеење? Од каде да се почне?

Да почнеме од нас, сега, овде и веднаш. Да не го фрламе кесето од грисини од прозорецот на колата, да не земаме најлони за секое парче купено нешто од продавница, да не ја пуштаме чешмата на најјако кога се миеме заби, да внимаваме во трошењето на електрична енергија. Еколошката свест е многу широка. Треба конечно да почнеме да живееме со неа.

Колку образовниот систем креира активни граѓани?

Образовниот систем е тој што е и таков каков што е. Ние, наставниците, учителите сме алката помеѓу системот и ученикот. Ако ние не се штедиме себеси во начинот на искористување на ресурсите кои ги има многу, сме направиле голема работа. Ако се ослонуваме само на образовниот систем, ако кукаме за сè што ни фали, нема никогаш да постигнеме позитивен исчекор во општеството. Ќе останеме само со кукањето.

Која е најдрага акција на „Класнето“ досега?

– Првата, нашите почетоци.

Станиша Станковиќ 

*Фотографиите се позајмени од архивата на иницијативата „Мети си со Класнето“