Обновено: Казна од 50 евра за професорот Гордан Калајџиев поради фрлање боја

Со парична казна од 50 евра или општествено корисна работа е казнет професорот на Правниот факултет на УКИМ, Гордан Калајџиев и прeтседател на Хелсиншкиот комитет на Македонија. Против него е поднесена прекршочна пријава заради нарушување на одредби од законот за чистота поради фрлање боја.

Тој утрово беше повикан на информативен разговор во МВР, во врска со негово учество на протест на Шарената револуција, објави Дојче веле.

„Како причина за поканата за разговор, буквално стои ‘учество во протести’. Учеството во протест не е уставно забранета категорија. Претпоставувам дека ќе ме товарат за фрлање боја, а мојот одговор ќе биде дека тоа е нужна одбрана на правната држава, бидејќи на граѓаните не им останува друго средство. Таа ‘штета’ од бојата е симболична и многу помала од државниот удар што и е нанесен на Македонија“, вели Калајџиев за ДВ.

Изминатиов месец повеќемина учесници во протестите беа повикани на информативни разговори во полиција. Двајца од нив, членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски се уште се во куќен притвор, а на дел им се изречени условни казни.