Условни казни од шест и дванаесет месеци за демонстрантите Аризанов и Наковски

Условни казни од шест и дванаесет месеци им изрече судот на демонстрантите Никола Аризанов и Филип Наковски. Шест месеци условна казна доколку во рок од две години не стори друго кривично дело доби Аризанов и 12 месеци условна казна доколку во рок од три години не стори друго кривично дело беше изречена за Наковски. Поради условните казни обвинетите беа пуштени од куќен притвор во кој се наоѓаат повеќе од еден месец, објави Академик.

Тие ја признаа вината која им се става на товар – учество во толпа што ќе стори кривично дело за протестите од 13 април пред Народната канцеларија на Претседателот на РМ. Тие изразија и каење за стореното дело, додадоа дека биле на протестите поради револт од аболицијата, но освен со зборови не протестирале насилно.

Врз основа на признанието на вина Основното јавно обвинителство Скопје побара тие да бидат прогласени за виновни и судот да ги има предвид и олеснителните и отежителните околности. Како отежителни Обвинителството наведе дека кривичното дело било планирано, било извршено со безобзирно однесување, на јавно место и поради зачестеноста на ваквите дела.  Одбраната побара обвинетите да бидат условно осудени и судот да ги цени олеснителните околности дека обвинетите не се гонат за друго кривично дело и дека едниот е во работен однос, а другиот има здравствени проблеми.

Во куќен притвор се уште остануваат членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски чие судење вчера беше повторно одложено, за 31 мај. Причина за одложувањето е неажурноста од страна на Правобранителството, околу доставувањето на извештајот за проценката на штетата направена врз Канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов, за време на протестот на 13 април.