Шанса за Центар: Зеленилото не е најсилната страна на Општина Центар

„Зеленилото не е најсилната страна на Општина Центар. Покрај тоа што исчезнува под профитерскиот градежен налет и тоа што останува по улиците и маалата не се одржува како што треба. А пари има…“, велат од Шанса за Центар.

Посочуваат дека од Буџетот на Општина Центар за тоа годинава се предвидени повеќе активности, за истите пари како лани – 3,5 милиони денари.

„Меѓутоа овие пари во 2022 не се искористија целосно и беа намалени со ребаланс за цели 2 милиони денари“, велат од иницијативата.

За 2023 покрај редовните активности, велат тие, се усвои предлогот на Шанса за Центар да се изработи стратегија за како да се одржува и развива зеленилото.

„Се прифати и нашиот предлог во редовните активности за одржување конечно да влезе и ослободување на оние над 300 возрасни дрвја чии стебла и корени со години се заробени во бетон и асфалт и им се заканува сушење“, посочуваат од иницијативaта.

Исто така, плус ќе се собираат податоци за општинското зеленило кои потоа ќе се употребат за Катастарот за зеленило.

„Друга приказна е многу поголемата сума која граѓаните на Центар ја плаќаат за одржување на зеленилото која оди кај Јавното претпријатие Паркови и зеленило кое е во надлежност на Град Скопје. Тоа е онаа ставка која сите ја плаќаме преку сметките за вода односно надоместот за одржување на јавното градско зеленило“, велат од Шанса за Центар.