Зелен Хуман Град и Шанса за Центар со свои реакции за звучното загадување од дискотеките

Во Советот на Град Скопје денеска се одржа седница на која беше повлечен предлогот за зголемување на надоместокот за добивање лиценци за кабаре, ноќен бар и диско клуб на отворено на подрачјето на Град Скопје. Старите цени што ги плаќаа сопствениците останаа непроменети – кабаре 5.000 евра, ноќен бар 7.000 евра и 7.500 евра за дискотека на отворено.

Од Зелен Хуман Град (ЗХГ) реагираат дека на седницата се додала дополнителна точка на дневниот ред, прифатена од мнозинството, со која им се дозволува на скопските ноќни клубови да работат уште наредни 4 месеци.

„Ние како ЗХГ веќе зборевме со наши сограѓани, и добивме голем број на поплаки поради звучното загадување што го произведуваат ноќните клубови. Жителите на Дебар Маало не можат навечер да спијат поради дискотеките во парк, а што треба да кажат животните во ЗОО градината кои со години го трпат звукот на сите дискотеки на отворено лоцирани одма до нив (кои според кажувањата на еден советник ‘не се гласачи па не се важни’)“, соопшти советникот Горјан Јовановски од ЗХГ преку социјалните мрежи.

Според него, немаме систем за проверка за тоа колку звучно загадување има од овие клубови, инспекциите често наидуваат на напади, а нема ни посебни системи за спречување на ширењето на звукот овие дискотеки како низ

„Местото на овие дискотеки не е во строго населена средина, доколку нема како да се спречи ширењето на звукот што доаѓа од нив. Јас уште се сметам за млад, и многу сакам да ги поминам летните ноќи во ‘Хавана’ имајќи супер спомени од таму, но не по цена граѓаните и животните наоколу да страдаат по 5-6 месеци секоја година“, забележува Јовановски.

Своја поглед за проблемот денеска имаше и Шанса за Центар, кои рекоа дека со поскапување на лиценците за работа мора да доаѓаат и обврски за оние кои ги добиваат.

„До Град Скопје и колегите од градскиот Совет го упативме и нашиот став дека при доделувањето на лиценците да се земе предвид и: сите дискотеки на отворено со лиценца да се задолжат да поднесат и проект за поставување озвучување со кое звукот ќе биде единствено насочен кон подиумот. Светската пракса има многу вакви успешни решенија каде значајно се намалува ширењето на звукот кон околината, а квалитетот на звукот на подиумот се подобрува“, објавија од Шанса за Центар.

Истовремено, тие потенцираа дека дискотеките се граничат со ЗОО Скопје и сериозно се загрижени за загрозување на животот на животните.

„Животните со години ја трпат тортурата со прегласна музика во ноќните часови кога биолошки тие треба да спијат. Загадување со звукот е најголем проблем и го загрозува здравјето на луѓето и на животните подеднакво. Се чини дека никој не размислува за овој вид загадување на градот“, реагираа од Шанса за Центар.

Бојан Шашевски