Шанса за Центар: „МГ Фешн“ има лесна рака за давање, а Градоначалникот на Центар за примање донации

„МГ Фешн“ има лесна рака за давање, а Градоначалникот на Општина Центар за примање донации. Компанијата МГ Фешн која гради со МПЦ на паркингот на Холидеј Ин ниту е општествено одговорна компанија ниту сериозна според квалитетот на предлогот за „Донација“ на парк на земјиште кое ниту го поседува, ниту има право преку советот да бара негово отуѓување. Но, секогаш е доволно да се има 12 гласа ЗА, независно на кој начин и преку која партија ќе се обезбедат, реагира граѓанската иницијатива Шанса за Центар, која има свои советници во Општина Центар.

Сите забелешки од проф. Дивна Пенчиќ за нестручноста и грешките утврдени при увидот на т.н „проект“, велат тие, биле користени за навреди и подбив од Градоначалникот, а притоа потенцираат дека се искористило столчето на Претседавач на Совет, за промоција и реклама на компанијата „донатор“.

„Предлог проектот не е доставен електронски, ниту хартиено, туку се дава на само на увид на советниците?! Донаторот наведува дека тој ќе ги откупи приватните парцели, но не е наведено дали потоа ќе ги отстапи на О. Центар? Или ќе ни се случи барање за нов ДУП и за неговото земјиште нови градби? Тоа е реално да се очекува кога се тврди дека на приватна парцела нема право општината да кажува што да се прави. Никој не одговара што ќе се случува со просторот под плоштадот и како тој ќе се употребува? Дали не е интересот токму за обезбедување на тој простор?“, стои во реакцијата на Шанса за Центар на социјалната мрежа Фејсбук.

Фото: Шанса за Центар