Шанса за центар мапираше над 100 јавни објекти во Скопје кои се греат на нафта за домаќинство и мазут

Граѓанската иницијатива Шанса за центар креираше мапа на јавните објекти и установи во главниот град кои се греат на мазут или екстра лесно масло за домаќинство.

На мапата се претставени голем број училишта, градинки и болници. Според приказот, на нафта се грее и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, додека ЈСП во своите автобази, Железници и транспорт и Клиниката за физикална медицина сезонава ќе согорат стотици илјади мазут.

„Мазутот е исклучително ‘валкан’ енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво кое содржи многу повеќе сулфур отколку на пример највалканото автомобилско гориво – дизелот. Такви јавни објекти во Скопје кои ги согоруваат овие енергенси се најмалку 100. Барем ние толку успеавме да пронајдеме. Сигурно има уште“, посочуваат од иницијативата.

Мапата е подготвена со цел да им се помогне на институциите да ги согледаат сите страни на проблемот и е, како што велат од Шанса за центар, уште еден дел во мозаикот за проблемот со загадувањето.

„Со нафтата за домаќинство пак која се гори во една сезона може да се наполни повеќе од еден олимписки базен. А тоа потоа го дишеме“, децидни се оттаму.

Според договорите за јавни набавки за една сезона во скопската котлина оттаму тврдат дека може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство.

„Во скопската котлина една јавна установа – затворот Идризово, ќе изгори и 550 тони јаглен за загревање.
Сето тоа заедно придонесува за загадувањето на воздухот“, укажуваат од инцијативата.

Велат дека се свесни оти за да се промени начинот на греење кај домаќинствата е потребно повеќе време, напор, работа со граѓаните и пред сѐ прифатливи алтернативи за нив. Но, како што нагласуваат, за да се промени начинот на греење кај институциите е полесно.

„Потребна е главно политичка волја и одлучност да се пристапи кон решавање на проблемот и таму да се насочат сериозни пари од буџетот. Ова е причина повеќе, покрај другите мерки, и да се продолжи со проширувањето на мрежата за парно греење на која треба да се приклучат сите јавни институции кои имаат пристап до неа. Општините пак да работат на забрзана замена на начинот на греење на оние јавни објекти кои се во нивна надлежности на кои градското парно им е недостапно“, порачуваат од Шанса за центар.