Шанса за Центар: Да се запре уништувањето на Урбан парк

Иницијативата Шанса за Центар реагира дека поради градежните активности на локацијата под ризик се децениски старите дрвја во скопскиот Урбан парк во Општина Центар.

Оттаму ја повикуваат Општина Центар и Градот Скопје да не дозволат овој парк да биде искористен од инвеститорот „Лимак“ за пристап до градежна парцела и да се најде друго решение со кое нема да се уништи и узурпира оваа зелена површина.

„Да потсетиме, инвеститорот на располагање за големите градежни зафати има површина од над 66.000 м2 и може да најде решение за пристап до парцелите без да го узурпира единствениот парк во подрачјето со површина од околу 4.000 м2. Тоа воедно е единствениот парк сѐ до паркот Жена борец пред Собранието. Да не заборавиме дека и Паркот на новинарите според урбанистичките планови е предвидено целосно да го снема, односно да биде претворен во џиновски кружен тек и во градежни парцели“, велат од Шанса за Центар.

Од иницијативата информираат дека побарале информација од Општината дали на инвеститорот „Лимак“ му е одобрен пристап до градежна парцела и дали Градот Скопје има издадено дозвола за сечење на дрвјата во паркот.

„Доколку е одобрен таков пристап бараме Општината и инвеститорот да најдат друго решение со кое нема да се узурпира и уништи Урбан парк. До Градот Скопје апелираме доколку постојат решенија за сечење на здравите и раскошни дрвја да ги ревидира и да го запре извршувањето. Доколку се исечат дрвјата потоа никакви донации од инвеститорот во клупи, плочки и грмушки, според идејниот проект што го сподели Кирил Пржо не можат да ја надоместат загубата и тоа само ќе придонесе во зголемување на загадувањето на воздухот и создавање на нов топлотен остров во Центарот на Скопје. Тоа само ќе го влоши животот на сите граѓани кои живеат во околината на паркот, но и на новите кои ќе се вселат во становите на Лимак“, посочуваат од Шанса за Центар.