Шаќири: Годинава со рекорден буџет од 32 милијарди денари го интензивираме развојот на воспитно-образовниот систем

„Годинава развојот на воспитно-образовниот систем уште повеќе се интензивира, за што обезбеден е рекорден буџет досега во износ од над 32 милијарди денари. Се посветуваме подеднакво на изработка на нови наставни програми и учебници, на модернизација на инфраструктурните услови и на подигнување на мотивацијата за работа на наставниот кадар во училиштата. Верувам во успех затоа што политиките ги градиме врз база на анализи и факти, со поддршка од пошироката јавност, но и од меѓународната заедница“.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел дискусијата „Европски можности преку модернизација на социјални, образовни и здравствени политики“ која се одржа вчера како дел од годишната владина конференција „Година на европски можности“.

Тој посочи дека стигнале до изработка на нови учебници за седмо одделение во основното образование и најави дека треба да бидат готови до септември. Дополнително, посочи дека паралелно ќе се работат и наставните програми за осмо одделение, при што реформата ќе се заокружи за две години отсега.

„Само во период од една година реконструиравме 80-тина училишни објекти, а изградивме и 4 нови, како и една училишна спортска сала. Во сите е посветено внимание на инклузијата и пристапноста за учениците со попреченост. Годинава пак, за капитални инвестиции ќе одвоиме над 1,3 милијарди денари или тоа е за 50 % повеќе од ланскиот буџет. Ова се средства со кои планираме да реконструираме 90-тина училишни објекти, да започне изградбата на 5 нови и да се прошират просторните капацитети во постоечки 15-тина“, рече министерот.

Истовремено, тој додаде дека минатата година беше отворен нов студентски дом во Тетово, а посочи дека оваа година со „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе започне етапната реконструкција на девет државни студентски домови.

Значително внимание било посветено на дигитализацијата, преку поставување на нова ИТ и мрежна инфраструктура во 40 училишни објекти, а набавени биле и нови кабинети и лаборатории по природни науки за 358 основни училишта и нови нагледни средства и помагала по историја и географија, посочи министерот.

Како што рече Шаќири, овој процес продолжува и годинава, исто како и креирањето на дигитални интерактивни учебници за основците, за кои до овој момент достапни во дигитален формат се учебниците од четврто, петто и шесто одделение.

Министерот истакна дека се очекува во текот на годинава да се воведе и нов електронски дневник, кој е во фаза на тестирање и треба да ги елиминира предизвиците со кои се соочуваат наставниците при примената на постојниот.

„Особена чест ми е што, само во 2023 година, платите на наставниците ги зголемивме за 18%, а притоа обезбедивме и можности за напредување во звање ментор за 50-тина наставници, преку транспарентен повик. Обуките на наставниот кадар станаа вообичаена пракса. Како никогаш претходно, во последните две години организираме обуки на различни теми од интерес на наставниците за поквалитетна настава и поддршка на учениците. Недостасуваа обуки и ние ги овозможивме. Само лани опфативме над 18.000 наставници и стручни соработници со истите“, рече министерот.

Во делот на средното образование минатата година, како што беше истакнато, фокусот бил ставен на проширување на концептот на дуално образование.

Како што нагласи Шаќири, дуалното образование се уредува со нов Закон за стручно образование и обука, кој пак, заедно со нов Закон за средно образование пред неколку денови е усвоен од Владата и пуштен во собраниска процедура.

„Пред четири години имавме само 98 ученици во 11 дуални паралелки, а денес имаме речиси 7000 ученици во 592 дуални паралелки, од кои 3900 се запишаа лани во прва година и за овие постигања особено сум благодарен на швајцарската амбасада која обезбеди најголема поддршка во овие наши напори“, рече Шаќири, додавајќи дека во меѓувреме формирани се и три нови регионални центри за стручно образование и обука.

Важен приоритет на кој МОН кој ќе работи во 2024 година заедно со УНИЦЕФ и Светска банка, како што беше истакнато е креирање на нова формула на финансирање на основното и средното образование заради праведна распределба на средства согласно потребите на учениците. Исто така, најавено е дека ќе се работи и на оптимизација на училишната мрежа што ќе значи подобро искористување на расположливите кадровски и просторни услови.

Шаќири ја спомена и грижата за психолошкото здравје на учениците, за што заедно со УНИЦЕФ и министерствата за здравство, труд и социјална политика, со Бирото за развој на образованието, како што рече, се спроведува посебна програма, а се зголемува и бројот на стручните соработници во училиштата и се организираат обуки за јакнење на капацитетите на психолозите, педагозите и наставниците.

По однос на ученичкиот и студентскиот стандард, Шаќири рече дека МОН ги слуша барањата и потребите на младите, зголемувајќи го износот на постојните стипендии, воведувајќи нови категории, но и други форми на финансиска поддршка како субвенционираниот студентски оброк кој од 2400 денари месечно, во 2023 година е зголемен на 3300 денари.

Дополнително, кон крајот на минатата година, министерот вели дека се воведоа и антикризни мерки за покривање на дел од трошоците за превоз на студентите и за олеснување на трошоците на семејствата на ученици со пониски месечни примања.

На почетокот на овој месец, тој потсети дека МОН објави и конкурси за доделување на стипендии за студии од втор и трет циклус на домашните високообразовни установи.

„Очекувам успешна година и остварување на целите од Стратешкиот план, Стратегијата за образование и Годишниот план за работа на МОН. Имаме силна волја и мотив да работиме, но и широка поддршка и очекувам така да остане и во иднина, затоа што конечно развојот на образованието е обврска на сите нас и затоа што вложувањата во знаењето на граѓаните немаат друга алтернатива“, дециден е Шаќири.