Сезонската работа – плодна почва за трудова експлоатација

„Сезонските работници во нашата државата се особено ранлива категорија под висок ризик од експлоатација имајќи ја предвид праксата на земјоделците да ангажираат работна сила без формално склучување на договори за вршење на сезонска работа. Сезонските работници се под ризик да работат многу повеќе часови од она што е договорено, не им се исплаќаат прекувремените часови, да не се воопшто платени, како и да бидат принудувани да дадат и други услуги за време на работниот ден. Ова ја доведува во прашање правната сигурност на сезонските работници и ги става под ризик од трудова експлоатација, но и други видови на експлоатација како сексуалната експлоатација”.

Ова денеска го истакна Весна Дишлијовска од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), кое ја организираше конференцијата „Борбата против трговијата со луѓе преку институционални и вон институционални механизми“.

Таа презентираше наоди од Документ за јавни политики, а притоа посочи дека долгата административна постапка земјава ги одвраќа сезонските работници од пограничните места да започнат постапка за добивање работна дозвола.

Поради тоа, вели таа, работниците во својство на странци кои имаат законски престој од 90 денови и за време на нивниот престој вршат непријавена сезонска работа.

„Барателите на азил не се во можност активно да се вклучат на пазарот на трудот, и покрај законската можност која ја имаат поради проблеми во врска со издавање на нивни матичен број за странец. Исто така, не постои детално регулирање на начинот на миграцијата на сезонските работници во рамките на државите од Отворен Балкан“, посочи таа.

Според Дишлијовска, од особено значење е улогата на Стопанската комора и Синдикатите.

„Тоа е со цел да се изнајде начин како би можело да се обезбеди дополнителна заштита на македонски сезонски работници во странство како и да се воспостави систем на известување помеѓу стопанските комори / синдикатите од една страна, како и Државниот инспекторат за труд но и Министерството за внатрешни работи од друга страна во случаи кога постојат индикатори кои укажуваат дека одредени сезонски работници може да се идентификуваат како потенцијални жртви на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација“, потенцираше Дишлијовска.

Љупчо Маркудов, началник на единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти од МВР посочи дека обесправената положба на работниците во одредени случаи се смета како повреда на правата од работен однос, или како повреда на правилата за заштита при работа, но не како злоупотреба и не како експлоатација на трудот како жртви на трговија со луѓе.

„Со цел да се надминат предизвиците треба детално да се проверуваат огласите или понудите за работа, дури и да се остварат консултации со соодветните ресорски или гранкови синдикати. Нормално, треба да се зајакне меѓуинституционалната соработка, соработката помеѓу институциите со здруженијата на граѓани, како и со приватниот сектор“, посочи Маркудов.

Тој рече дека  странските државјани што работат како сезонски работници во нашата земја најчесто ги идентификуваме во угостителски објекти во западниот дел на државата, во секторот земјоделие, градежништво, сточарство.

„Како податок, во 2021 година како национална единица идентификувавме 38 странски државјани“, рече Маркудов.

Директорката на Државниот инспекторат за труд (ДИТ), Весна Томовска посочи дека тенка е линијата помеѓу она грубото прекршување на правата од работен однос и трудовата експлоатација од аспект на трговијата со луѓе, затоа што таа претставува нелегално, брутално искористување на човековиот труд сфатен во поширока смисла, не само мануелен и интелектуален туку и сите знаења и вештини.

„Таквото прекршување значи во земјите на дестинација и прекршување и изигрување и на прописите од областа на работните односи со што се создава илегален пазар на трудот а со тоа се потхранува и сивата економија. Затоа мошне важна надлежноста на контролниот механизам односно улогата на државните инспектори за труд“, рече Томовска.

Во делот на земјоделието, заради непристапноста и големината на теренот, посочи таа,  тешко е да се вршат инспекциските надзори. Сезонските работници најчесто се ниско квалификувани работници кои што често прифаќаат и супстандардни услови за работа и се недоволно информирани.

„Воочен е проблем со мигрантите сезонски работници – мал е временскиот период во кој што државните инспектори за труд би можеле да ги утврдат сите индикатори дека станува збор за лице жртва на трговија со луѓе, затоа што периодот на депортација е премногу краток. Голем дел од потенцијалните жртви на трговија со луѓе низ овие системски решенија на законите ни се лизгаат низ рацете од неможноста за да можеме целосно да го испитаме случајот“, истакна Томовска.

Според неа, работниците не стануваат принудни работници веднаш. Работодавачите често пати го тестираат отпорот на работниците пред да ги притиснат во поекстремни експлоататорски ситуации и затоа смета дека би можело за трудовата експлоатација од аспект на трговија со луѓе да се размислува како процес на постојано стеснување на лавиринтот каде што моќта на работникот за донесување одлуки на крајот е потполно изгубена.

„Во тек е изготвување на нов закон за сезонски работници. ДИТ заедно со МТСП ги согледаа добрите практики на Р. Србија во делот на нивното евидентирање. Со оглед дека станува збор за краткотрајна работа во која што најчесто работниците остануваат непријавени и завлегуваат во сивата зона на неформалната економија, ќе се воведе принцип на директно евидентирање во системот за задолжителни придонеси од пензиско инвалидско здравствено социјално осигурување без формалности на склучување на писмени договори и објавување на огласи. Ова е ново законско решение во голем дел ќе ја зголеми правната заштита и сигурност на сезонските работници и можноста тие да бидат вклучени во системот, а со тоа да можат да имаат евидентиран пензиски стаж“, нагласи таа.

Игор Мишковиќ, програмски координатор при Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), ја истакна важноста на Регионалниот проект ПАКТ и посочи на главните предизвици кога е во прашање борбата против трговијата со луѓе на Западен Балкан.

Мишковиќ посочи дека ваквата борба е мултидисциплинарен проблем и во справувањето со оваа проблематика многу е важна активната соработка помеѓу сите релевантни актери.

„Борбата против трговијата со луѓе меѓу другото подразбира проактивно вклучување во идентификација на потенцијални/жртви на трговија со луѓе и во таа насока обезбедување на потребната помош. Граѓаните од регионот се соочуваат со исти или слични проблеми од аспект на трудовата експлоатација. За превенцијата и борбата против трговијата со луѓе мора да се започне најпрво од образованието, полициските надлежности, судството како и сите останати чинители кои е потребно да работат на оваа проблематика“, рече тој.

Алексaндар Тодосиев од Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ рече дека во минатото кога се зборувало за трговија со луѓе најчесто се подразбирало сексуална експлоатација, но денес се повеќе е присутна трудовата експлоатација.

„Потребна е соработка меѓу сите владини и невладини претставници, како и меѓународни организации за да се зголеми бројот на идентификација. Кога ќе се зголеми свесноста за проблемот со трговијата со луѓе преку спроведени кампањи и понатаму со проактивна улога за идентификација на потенцијални/ жртви на трговија со луѓе, тогаш ќе можеме сите заеднички да се справиме со проблемот на трговијата со луѓе“, рече тој.

За Теодосиев е многу важно работодавците да бидат свесни за ризиците кои ги преземаат доколку ангажираат работници без соодветен договор или евентуално ги експлоатираат, злоупотребуваат и не го обезбедуваат соодветниот надомест.

„А од друга страна да постои и свесност на сезонските работници за своите права, првично да се информираат за своите права а понатаму доколку станува збор и за повреда, каде да побараат помош“,  нагласи Тодосиев.

Инаку, конференција беше организирана во рамки на проектот,, Превенција од трговија со луѓе кај мигранти и сезонски земјоделски работници’’ како дел од Регионалниот проект за спречување и борба против трговијата со луѓе (ПаКТ) имплементиран од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) во соработка со Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ) по налог на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ).