Северна Кореја испрати балони полни со ѓубре и пропагандни летоци во Јужна Кореја

Северна Кореја пушти 90 балони со ѓубре и пропагандни летоци над две погранични провинции во Јужна Кореја, пишува „БиБиСи“

Ваквата акција ги натера властите во Јужна Кореја да ги предупредат жителите да останат во затворени простории и да не ги допираат белите балони и пластичните кеси закачени на нив. 

„Купишта отпадна хартија и нечистотија наскоро ќе бидат расфрлани низ пограничните области и внатрешноста на Јужна Кореја, и тие од прва рака ќе почувствуваат колку напор е потребен за нивно отстранување“, изјави заменик-министерот за одбрана на Северна Кореја, Ким Канг Ил.

Војската на Јужна Кореја овој чин го осуди како „јасно кршење на меѓународното право“. 

„Тоа сериозно ја загрозува безбедноста на нашиот народ. Северна Кореја е целосно одговорна за она што се случува поради балоните и силно ја предупредуваме Северна Кореја веднаш да престане со оваа нехумана и груба акција“, соопшти војската.

Претходно овој месец, активистичка група со седиште во Јужна Кореја тврдеше дека испратила 20 балони со летоци против Пјонгјанг и УСБ-стикови кои содржат корејска поп музика и музички спотови преку границата.

Инаку, Северна и Јужна Кореја користат балони во своите пропагандни кампањи уште од Корејската војна во 1950-тите.