„Северен пол“ на Апчевска ја освои Големата филмска награда во Шпанија, цели на „Оскар“

Краткиот филм „Северен пол“ на режисерката Марија Апчевска  ја освои Големата награда на 63. Интернационален фестивал на документарен и краток филм „Зинеби“ во Билбао, Шпанија.

Со ваквата победа на престижниот филмски фестивал, „Северен пол“ автоматски се квалификува за кандидат за Оскар, а официјално, номинациите за „Златната статуетка“ ќе бидат објавени на 8 февруари идната година.

Исто така, по победата на фестивалот во Билбао, „Северен пол“ е во потесен круг и за Европските филмски награди за 2022, кои ги доделува Европската филмска академија (ЕФА).

„Надреално! „Северен пол“ ја доби Гoлемата награда, како и кандидатурата за ЕФА во Зинеби! Неверојатно благодарна до сите кои учествуваа во ова патување“, напиша режисерката Апчевска на социјалните мрежи.

Главните улоги во „Северен пол“ ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев.

Филмот е во продукција на „Кино око“ во копродукција со „Сервиа Филм“ од Србија и „Тиволи Продукција“ од Унгарија со финансиска поддршка на Агенцијата за филм на Македонија.

„Северен пол“ е трет краткометражен филм на Марија Апчевска по успешните „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017).