Филмот „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал

Краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска во продукција на „Кино око“ е селектиран во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм, информираат од „Кино око“.

Филмот е сниман на локации во Скопје и Македонска Каменица, а главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев.

„Ова е историски успех за македонската кинематографија и за ‘Кино око’ бидејќи прв пат македонски филм е селектиран на најголемиот и најпрестижниот филмски фестивал во светот. Филмот е еден од десетте избрани помеѓу 3.739 пријавени филмови. Исклучителна е честа да се биде дел од овој врвен светски филмски фестивал и да се претставува македонската кинематографија. Ова е уште еден голем успех во низата успеси на оваа генерација македонски филмаџии и преставува потврда на талентот и креативноста на авторката Марија Апчевска-Петровска“, изјави продуцентот Роберт Насков.

Од Агенцијата за филм изјавија дека ова е маркентен успех за македонската кинематегографија.

„Особено заради фактот што последниве неколку години ние во континуитет сме присутни на Канскиот филмски фестивал со малцински копродукции и соработки, но овојпат е навистина исклучително за нашата кинематографија што оваа година со македонски национален филм сме во официјална селекција на најпрестижниот и најгламурозниот филмски фестивал во светот. ʻСеверен полʼ на Марија Апчевска е еден од десетте селектирани филмови во официјалната селекција за краток филм, а тоа е неспорна препознатливост на македонскиот филм и македонските автори, потврда за нивниот квалитет, креативност, оригиналност и автентичност во изразувањето на големото филмско платно“, изјавија тие.

Филмот е во копродукција меѓу Северна Македонија, Србија и Унгарија. Копродуценти на филмот пак се Милош Љубомировиќ од „Сервиа филм“, Миодраг Поповиќ од „форГрејд“ и Петер Шекереш од „Тиволи филм“.