Сем Банкмен-Фрид, основачот на крипто-берзата FTX, осуден за измама и перење пари

Сем Банкмен-Фрид, кој ја водеше втората најголема крипто-берза во светот, е прогласен за виновен за измама и перење пари по судењето кое се одвиваше во Њујорк.

Поротата ја донесе пресудата по помалку од пет часа одлучување.

Со оваа пресуда се става точка на катастрофалниот пад на 31-годишниот поранешен милијардер и еден од најпознатите лица на крипто индустријата.

Банкмен-Фрид беше уапсен минатата година откако неговата компанија FTX банкротираше. Сега се соочува со повеќедецениска казна затвор. Изрекувањето на казната е закажано за 28 март следната година.

„Сем Банкмен-Фрид направи една од најголемите финансиски измами во американската историја – шема од повеќе милијарди долари создадена да го направи него кралот на криптовалутите. Овој случај отсекогаш беше околу лажењето, мамењето и крадењето, и ние немаме трпение за такво нешто“, рече обвинителот Дамиан Вилијамс по одлуката на поротата.

Во обвинението против Банкмен-Фрид беше наведено дека тој ги лажел инвеститорите и кредиторите и украл милијарди долари од крипто-берзата FTX што придонело за нејзиниот распад. Тој беше обвинет по седум точки за измама и перење пари.

Банкмен-Фрид се произнесе како невин по сите точки од обвинението, тврдејќи дека иако направил грешки, тој секогаш постапувал со добри намери.

Пет од точките за кои тој е прогласен за виновен предвидуваат максимална затворска казна од 20 години, додека останатите две точки по кои е осуден имаат максимална казна од пет години затвор. Според американскиот правен систем тоа создава потенцијално највисока затворска казна од 110 години со која се соочува Банкмен-Фрид, иако не се очекува дека судијата би донел таква казна во случајот. Сепак, Банкмен-Фрид се очекува да добие затворска казна која ќе трае повеќе децении.

Банкмен-Фрид беше гледан како млада верзија на легендарниот американски инвеститор Ворен Бафет, а до крајот на октомври 2022 година неговото богатство се проценуваше на повеќе од 15 милијарди долари.

FTX беше основана во 2019 година од Банкмен-Фрид, поранешен трговец на Волстрит, како и од Гери Вонг, кој претходно работеше во Гугл. Набрзо оваа компанија стана втората најголема крипто-берза во светот на која се тргуваа криптовалути во вредност од околу 10 милијарди долари дневно. Оваа компанија овозможуваше на корисниците да вложуваат обични пари и да набавуваат криптовалути, како што е биткоинот.

Сепак на 11 ноември минатата година компанијата поднесе барање за банкрот откако корисниците на платформата повлекоа 6 милијарди долари од берзата во три дена, а конкурентската берза Бинанс се откажа од договорот да ja спаси пропаднатата FTX. Истовремено Банкмен-Фрид поднесе оставка од позицијата директор.