Сем Банкмен-Фрид, основачот на крипто-берзата FTX пуштен во домашен притвор

Сем Банкмен-Фрид, поранешниот шеф на берзата за криптовалути, FTX ќе оди во домашен притвор додека чека на судењето во САД под обвинение дека ги измамил клиентите и инвеститорите на пропаднатата берза, пренесе „Би-Би-Си“.

Американски судија потврди дека 30-годишниот поранешен милијардер може да биде ослободен во домашен притвор на родителите со обврзница од 250 милиони долари.

На сослушувањето, Банкмен ниту го призна ниту го негираше делото за кое е обвинет. Тој и претходно се огради од сите обвиненија кои ја потресоа крипто индустријата.

„Не направив свесно измама. Мислам дека не измамив. Јас не сакав ништо од ова да се случи. Сигурно не бев ни приближно компетентен колку што мислев дека сум“, изјавил Банкмен за „Би-Би-Си“ кратко пред неговото апсење на 12 декември на Бахамите.

Федералните обвинители во Њујорк го обвинија Банкемн дека незаконски ги користел депозитите на клиентите на FTX за финансирање на неговата друга крипто фирма, „Almeda Research“, за купување имот и заработка на милиони долари во политички донации.

На прес-конференција минатата недела, тие ја опишаа како „една од најголемите финансиски измами во историјата на САД“, објавувајќи осум кривични пријави кои вклучуваат перење пари и прекршување на финансирањето на кампањата. Финансиските регулатори поднесоа и граѓански пријави.

Банкман помина девет дена во затворот на Бахамите. Тој изјави дека нема да се бори против екстрадицијата што инаку можеше да предизвика долг судски процес.

За да биде ослободен во домашен притвор, Банкмен треба да го предаде пасошот и да се согласи постојано да го следат. Тој притворот ќе го помине во домот на неговите родители во Калифорнија. Тие заедно ќе потпишат обврзница од 250 милиони долари.

Крипто берзата FTX беше основана во 2019 година. Банкмен оттогаш често беше нарекуван „Крал на крипто“ и беше познат по тоа што помагаше на фирми кои се борат за опстанок и постојано донираше во добротворни цели. Набрзо неговата компанија стана втората најголема крипто-берза во светот на која се тргуваа криптовалути во вредност од околу 10 милијарди долари дневно.

Колапсот на FTX чија вредност некогаш се проценуваше на повеќе од 30 милијарди долари се случи на 11 ноември годинава што ја вознемири пошироката индустрија и придонесе за опаѓање на вредност на крипто.