Преку 200 милијарди долари во криптовалути збришани за еден ден

Биткоинот падна под 26.000 долари за првпат последниве 16 месеци откако во поширок колапс на пазарот на криптовалути беа избришани повеќе од 200 милијарди долари за еден ден.

Истовремено етер, втората најголема дигитална валута, падна на 1.704 долари по единица, што е првпат оваа криптовалута да падне под 2.000 долари од јуни минатата година.

Овој пад делумно се должи поради крахот на две криптовалути го следеа Тера „стејблкоин“ протоколот. Вредноста на криптовалутата тераУСТ, која требаше да ја следи вредноста на доларот, падна од речиси еден долар на 0,17 долари последниве три дена. Дополнително целосен пропаст доживеа и криптовалутата луна, чија вредност пред три дена изнесуваше 80 долари, а денеска речиси нема никаква вредност.

Сега, главната загриженост на инвеститорите е како ова ќе се одрази на биткоинот. Фондацијата која ја направи До Квон, креаторот на Тера, претходниот период собираше огромна резерва на биткоини со цел да помогне во поддршка на ТераУСТ доколку оваа криптовалута падне во криза. Стравувањата сега се дека оваа Фондација почнала или ќе започне со продажба на голем дел од нивната биткоин заштеда за да го спасат „стејблкоин“ протоколот.

Си-Ен-Би-Си пренесува и дека инвеститорите бегаат од криптовалутите во период кога светските берзи паѓаат по високите износи за време на пандемијата со коронавирусот, најмногу поради стравот од растечките цени и нарушениот економски амбиент. Американските податоци за инфлацијата во средата покажаа дека цените на храната и услугите пораснале за 8,3% во април, што е блиску до највисокиот пораст во последниве 40 години.