Секој понеделник со интонирање на химната ќе започнува наставата во основните училишта во Аеродром

Наставата во основните училиштa во Аеродром отсега секој понеделник ќе започнува со интонирање на македонската химна, затоа што почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст, најави градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски преку неговата Фејсбук страница.

„Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција“, напиша Муцунски.

Покрај најавата, Муцунски сподели и видео од интонирањето на македонската химна во основното училиште „Лазо Ангеловски“.

Инаку, иста ваква пракса беше воспоставена во основните училишта во општината уште во 2015 година.