„Можеш да бидеш сè што сакаш, но кога ќе дојдеш тука секој ден си со чест, без притисок и заканување, гладен, ама не за сендвич, туку за правда и слобода“, порача активистот Александар Донев на денешниот, 11 по ред ден од Шарената револуција.
Тој се обрати пред присутните кај ЕУ Инфо центарот, каде продолжи протестот откако беше обоена палатата „Панко Брашнаров“, изградена на местото каде беа исечени дрвата кои ги штитеа паркобраните.
Донев порача дека сите оние кои протестираат секој ден во шест се граѓани на слободна Македонија, разбудени и свесни за што протестираат.
„Ако сакаме институции и закони кои нас ќе ни служат, треба да се избориме за тоа. Ако сакаме полиција која ќе ни служи и штити нам, а не криминалци и поединци, и неа треба да си ја средиме. Да се избориме за подобро здравство, образование, сообраќај, да не умираме од смог, да може да се шетаме слободно пешки“, изјави Донев, после што граѓаните скандираа „Не ти бега Шутка Никола“.
После говорот пред ЕУ Инфо центарот, протестот продолжи пред Влада, каде граѓаните скандираа „Мафијо оди си“ и „Никола во робија“. Накратко подоцна, си заминаа дома и порачаа дека ќе продолжат да протестираат
„Ќе продолжиме да доаѓаме секој ден во шест и никогаш повеќе заспани“, порача Донев.