[Фото] Шарена револуција – обоена „палатата“ кај Бристол

„Ова беше парк“, скандираат демонстрантите пред новоизградената зграда, именувана палата „Панко Брашнаров“, додека фрлаат балони со боја на неа. Тие потсетуваат на случувањата пред две години, кога паркобраните по цели ноќи го чуваа местото од багерите.

Белата барокната зграда до Бристол, каде сега се наоѓа седиштето на Агенцијата за аудиовизуелни медиуми и Агенцијата за млади и спорт, беше „нападната“ од Шарената револуција. Граѓаните, кои и денес протестот го започнаа пред просториите на СЈО, го искажаа својот револт „бомбардирајќи“ ја со боја и новата зграда на улица Македонија. Пред објектот тие со боја испишуваат Шарена револуција.

На протестот и денеска се собраа голем број граѓани  кои ги скандираат познатите пароли и со разни симболи се дојдени да ја поддржат Шарената револуција.Демонстрациите траат веќе две седмици во Скопје откако претседателот Ѓорѓе Иванов соопшти дека потпишал одлука за аболиција на сите политичари, од власта и опозицијата, против кои има кривична пријава или веќе е поведена ваква постапка.

Барањата се итно повлекување на одлуката за аболиција, оставка на Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, но и основање Специјално одделение на Кривичниот суд надлежно за случаите од СЈО. Демонстрантите бараат и повлекување на одлуката за избори на 5 јуни, техничка влада што ќе ги спроведе реформските приоритети од извештајот на Прибе, но и вклучување на претставници на граѓанското општество во преговорите за излез од кризата.