Седум од најзначајните музеи во светот од сега може да се посетат виртуелно

Некои од најголемите музеи во Европа, каде се поставени најдобрите и најстарите уметнички дела и артефакти, воведоа можност за нивна виртуелна посета.

Во оваа дигитална ера може да се направи прошетка околу Британскиот Музеј, да се оди во „Rijksmuseum“ во Амстердам и да се разгледаат скулптурите во Фиренца и сето тоа е изводливо пред ручек.

На листата што ја пренесува „Еуроњуз“ се појавуваат имињата на седум од најдобрите музеи низ Европа и тоа:

1. Државниот музеј „Rijksmuseum“ во Амстердам, Холандија

Националниот музеј во Холандија го посетуваат повеќе од 2,5 милиони луѓе на годишно ниво. Таму може да се видат слики од германските големи уметници како „Млекарката“ од Јоханес Вермер или „Ноќна стража“ од Рембрант.

2. Британскиот музеј во Лондон, Велика Британија 

Овој музеј ја содржи една од најголемите колекции во светот. Таму може да се најдат дела од античкиот исламски живот до египетските мумии – по нешто за секого. Може да се погледнат и онлајн сториите курирани од вработените во музејот. Најдобрите вклучуваат и турнеја на келтската уметност во железното време и поглед кон „Каменот од Розета“.

3. Музејот на раскинати врски“, во Загреб, Хрватска,

„Понекогаш врските не траат, но работите траат вечно“

Музејот е дом на стотици работи во сопственост на донатори што решиле да ги подарат нештата што ги надминале љубовните врски кои не издржале засекогаш. Таму може да се видат разновидни работи од морнарско капче до парче од папок, музејот нуди предмети што се потресна рефлексија на љубовата и загубата.

4. Ватиканските музеи во Ватикан

Една од најголемите музејски установи нуди огромна уметничка колекција собирана од папите од седумнаесеттиот век па наваму. Цената на билетот чини 17 евра, но онлајн може да се добие пристап до виртуелни тури од 360 степени и да се посетат седумте најпопуларни локации на Ватикан. Може да се восхитуваме на светски познатиот таван на Сикстинската капела насликан од големиот Микеланџело и неговите помошници.

5. Музејот на Салвадор Дали во Каталонија, Шпанија

Создаден во чест на животот и делото на надреалистот Салвадор Дали, самиот по себе музејот претставува уметничко дело.

Украсен со кифлички и јајца како и масивни верзии на оскаровската статуетка, музејот е всушност и гробница на уникатниот уметник што ја исполнува неговата последна желба тој да биде погребан во внатрешниот централен дел.

6. Пергамскиот музеј во Берлин, Германија 

Пергамскиот музеј е поставен на музејскиот остров во историскиот центар на Берлин, но сега со помош на виртуелните прошетки, многу од изложбите поставени таму може да се видат од било кое место во светот.

Според името на музејот, најпознатото дело е „Пергамски олтар“, градба нарачана од античкиот грчки крал Евмен втори во вториот век пред новата ера.

7. Музејот „Лувр“  во Париз, Франција

Ретки се оние што го посетиле музејот и успеале одблизу да ја видат „Мона Лиза“. Освен популарната слика на Да Винчи, во музејот се чуваат и неговата „Богородица и Детето со Св. Ана“, како и „Милоска Венера“ на Александрос од Антиок.