Јонас Стаал и „Что делат“ подарија уметнички дела на МСУ

Од Музејот на современата уметност известуваат дека холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал (Jonas Staal) и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“ (Што да се прави?) подариле уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје.

Уметникот Јонас Стаал ја подарил својата инсталација „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Сè што ни е заедничко“ курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова.

Рускиот колектив „Что делат“ го подарија нивното видео „Becoming With the Museum“ за постојаната поставка, која ќе се отвори годинава во МСУ.

Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“, кој во 2017 година се одржа во МСУ.

„Светски познатите уметници се свесни за значењето на нашиот музеј, затоа и донираат свои дела. Музејот на современата уметност – Скопје е симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје. По катастрофалниот земјотрес 1963 година, се разбуди светската солидарност, не само во материјална помош за срушеното Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Многу светски реномирани уметници донираа свои дела во тоа време. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот која ги вбројува Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс и Вазарели. Тој тренд интензивираше последниов период“, истакна директорката на МСУ – Скопје, Мира Гаќина.

Од Музејот дополнуваат дека инсталацијата „Нови сојузи“ од Стаал е уметничка и политичка кампања, чија појдовна точка е тековната политичка, економска, хуманитарна и еколошка криза во Европа со цел да ги здружи претставниците на трансдемократските движења и организации за да предложи сценарија за некои нови идни сојузи.

Оттаму забележуваат дека подареното видео од рускиот колектив го документира процесот во кој „Что Делат“ работат со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ.

„Делото го поврзува макронаративот на различните уметнички дела со микронаративот на секој изведувач, кој преку своето тело и лирски текст го објаснува односот со избраното делото. Делото е освежувачко мапирање на музејот и историјата на младата генерација што го активира трансформативниот потенцијал на музејот. Колективот „Что делат“ (Што да се прави?) има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот“, велат од МСУ.

„Что делат“ се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.

Рускиот колектив има изложувано на многу светски биеналиња, уметнички галерии и музеи низ светот како во Шангај, Москва, Мексико Сити, Берлин, Сан Паоло, Ливерпул, Њујорк, Лондон, како и Љубљана.

Радио МОФ при гостувањето на „Что делат“ во Скопје имаше можност да ги интервјуира уметниците.

[Интервју] „Что Делат“: Уметничката сцена е опресирачка машина