Седум нови, 47 оздравени и едно починато лице од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 47 оздравени пациенти.

Во изминатото деноноќие се потврдени седум нови случаи на новиот коронавирус, односно, регистрирани се четири случаи во Тетово и по еден случај во Скопје, Прилеп и Кратово. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава се искачи на 1.518 лица, додека бројот на активни случаи изнесува 441 пациенти.

Од министерството исто така информираа дека на Клиниката за инфективни болести, починал 65-годишен пациент од Скопје, кој таму бил хоспитализиран од 27 април. Министерот за здравство Венко Филипче преку неговиот Фејсбук профил ја извести јавноста дека станува збор за познатиот музичар и водител Драган Вучиќ.

На Клиниката за инфективни болести, во изминатото деноноќие се примени двајца нови пациенти, додаваат од МЗ, а таму моментално е хоспитализирано 41 лице. Од нив, на кислородна поддршка е 21 пациент, додека на механичка вентилација е еден пациент.

„Во ГОБ „8 септември“ примени се 3 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 24. На респираторна машина се 5 пациенти, а уште 3 се со потешка клиничка слика“, додаваат од МЗ.

„Во болницата во Битола се лекуваат 4 пациенти, а на домашно лекување се следат уште 2 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 4, а уште 4 се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 46 позитивни и суспектни на ковид-19.

Досега се направени 17.359 тестирања, додека во изминатите 24 часа се направени 113 тестирања за Ковид-19.