Седмо издание на БОШ Фестивал од 28-30 август во Гевгелија

Седмото издание на БОШ фестивал ќе се одржи од 28-30 август во Гевгелија, информираат организаторите.

Во текот на трите фестивалски дена (петок, сабота, недела), предвидени се бројни, off-mainstream содржини, (професионални и аматерски), како на пример театарски претстави и перформанси, музика, поезија, филмови и видео арт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања. Сите настани се бесплатни, а целата програма е достапна на овој линк.

БОШ Фестивал е мултимедијална платформа, низ која се слави креативниот израз во урбан контекст. Односно, тоа е процес на создавање на типично-поразличен, несекојдневен и неконвенционален, јавен простор, пред сè, отворен и достапен за секого.

„БОШ е меѓупростор кој поврзува, во потрагата по своето време и потреби. Затоа, доколку се сметате себеси за доволно слободни и креативни, и пред сè, со широко отворена душа, Гевгелија е вистинското место за вас“, повикуваат организаторите.

Првото издание на фестивалот се случи во 2009 година, во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски (1981-2008). БОШ е посвета од неколку блиски пријатели.

Манифестацијата ќе се одржи, и покрај тоа што организаторите јавно се откажаа од парите кои им ги додели општината за овогодинешното издание, сметајќи дека тоа претставува срамен износ за фестивал како БОШ. Тие преку разни настани собираа средства во изминатиот период.