Ѓорѓи Калински: Понесете си шатор и тон љубов, БОШ ќе се случи

Подгответе ги шаторите и опремата за камп и понесете ведрина и тон љубов, бидејќи БОШ ќе се случи, порачува Ѓорѓи Калински, директор на „Арт Еквилибрум“, здружението на граѓани што го организира овој мултимедијален фестивал во Гевгелија.

Во интервју за Радио МОФ, Калински зборува за почетоците на фестивалот, финансиските предизвици со кои се соочуваше здружението како организатор во последниот период, но не заборави да го пофали и својот тим за кој вели дека постојано се зголемува.

БОШ во 2009 година започна како посвета на прерано починатиот актер Бошко Бозаџиевски и прерасна во препознатлив фестивал кој го слави креативниот израз. Како се развиваше приказната за БОШ од самиот почеток до денес?

На почеток, ќе мора да додадам и дека Бошко беше и поет и уметник со цело свое битие… Но, пред сè, човек со огромно срце.

Приказната се развиваше двонасочно во секој случај. Од една страна тука беше сета онаа позитивна енергија и посветеност да се успее во она што „Арт Еквилибрум“ го замисли, а од друга, сите оние малициозности, непринципиелности, ниски удари и шиканирања по разни основи. Ништо ново и непознато. Eдноставно кажано, фолклор.

Фото: БОШ

Неодамна јавно ја објавивте писмената реакција до градоначалникот на општина Гевгелија во која велите дека е срамен износот од 80 000 денари со кој Советот го поддржува изданието на фестивалот за 2015 година. Впрочем, вие и се откажавте од овие пари. Зошто градските власти годинава немаа слух за овој фестивал?

Не би било фер да се каже дека сите и целосно „немаа слух“. Има таму и луѓе кои на еден или друг начин доволно помогнаа и секогаш се подготвени да помогнат. Но, проблемот е во тоа што повеќето од нив немаат елементарно ниво, капацитет, ниту пак храброст да ја согледаат „големата слика“. Дотолку повеќе што и не се на висината на задачата за која земаат плата од нашите пари. За волја на вистината, од 2010 година фестивалот добиваше јавни средства од градот и цениме дека тоа, до некаде, и беше сразмерно со еволутивниот пат по кој се градеше истиот во текот на годините.

Но кога конечно ќе сфатите дека наместо меритократски, средствата се делат по некои други критериуми, дека комисиите се обичен декор од подзаплашени, кратковиди и тотално некомпетентни персони, дека конкурсите и критериумите во самите нив се „мртво слово на хартија“, дека одметнатите бирократи се „поголеми папи и од самиот папа“, тогаш едноставно ви остануваат најмалку две опции. Или јавно да се одважите, или да ја играте играта, која во никој случај нема позитивно да се одрази врз самиот фестивал и сè она што истиот застапува и за што се залага. Ние ја прифативме оваа првата опција без двоумење. После седум години воопшто не беше тешко да се донесе ваква одлука. Со други зборови, БОШ фестивал никогаш не бил „инстант-настан“. Кредибилитетот не се мери во пари и ситни услуги…

Според досегашното искуство, колку средства се потребни за организирање на фестивал како БОШ? Откако ги одбивте средствата од општината најавивте дека ќе се обидете да ги соберете пари на друг начин. Какви се плановите?

Средствата никогаш не се доволни, сè зависи од амбициите. Нашите амбиции отсекогаш биле високи. Значи тука не станува збор единствено за организирање фестивал заради фестивал. „Арт Еквилибрум“ има своја јасна политичка агенда во однос на културата и уметноста која ја спроведува  низ годиниве, и која на наше големо задоволство, покажа опипливи резултати барем во Гевгелија (независно дали тоа некој сака, или пак може да го види). Затоа и уште од самите почетоци БОШ фестивал никогаш не одредил цена за некое дело или изведба, т.е. сите настани отсекогаш биле бесплатни. Цениме дека во нашиов моментален општествен контекст, тоа е навистина излишно.

Инаку парите ќе се обидеме да ги собереме од донации и спонзорства. Во последниве два месеци со нашите пријатели од цела Македонија организиравме четири (тематски) донациски забави во Гевгелија, Куманово и Скопје. Тоа е едно тотално ново и позитивно искуство и за нас самите.

Колку сте задоволни од одзивот на луѓето на вашиот повик и од досега собраните средства? Скоро започнавте и онлајн петиција за собирање на средства?

Навистина сме пријатно изненадени. Настрана од собраните средства, фасцинира онаа посветеност на нашите пријатели, а посебно на некои млади луѓе кои едвај ги познаваш, а чувствуваш дека ги знаеш цел живот. Луѓето сакаат да помогнат и ги препознаваат вредностите кои БОШ се обидува да ги наметне во оваа наша македонска тривијалност.

Покрај финансиските, кои се останатите предизвици со кои се соочуваат фестивалите како БОШ?

Не би можел да зборувам за другите фестивали, но верувам дека проблемите се горе-долу исти, веројатно со некои разлики во нијанси. Секако, финансиските предизвици се во прв план, но тие се пред сè последица, а никако причина, како што многумина се убедени. Проблемите се системски. Или поинаку кажано, проблемот е во тоталната изгубеност и дилетантизам на повеќето од оние кои треба да ги креираат и спроведуваат културните политики, како на централно, така и на локално ниво.

Оттука, факт е дека како независни културни оператори не сме конкурентни, ниту дома, на јавниот сектор, кој никако да сфати дека неговата работа првенствено не е да организира „фестивали“, туку да создава услови за организирање на иститие. А уште помалку во странство, чии што гости би сакале да ги привлечеме, за да ја „консумираат“ нашата културна понуда.

Кубуриме со средства и скоро сите сме насочени кон центирте на моќ, кои условно кажано, нè уценуваат за наши пари. Имаме препишани закони кои не соодветствуваат со нашата реалност, дејностите култура и уметност во практиката сеуште се третираат како производство и трговија, тукуречи со алкохол, цигари, медикаменти или нафта и нафтени деривати… Не постои пропорционално ослободување од оданочување за потенцијалните спонзори и донатори, комуналиите сеуште ви ги водат под ставката „индустриски“, исто како и на некој си таму телекомуникациски оператор… Проблемите се многу, но најголемиот проблем пак ќе речам е тоталната изгубеност и дилетантизам на повеќето од оние кои треба да ги креираат и спроведуваат културните политики, како на централно, така и на локално ниво. Па погледнете ја само Националната програма за остварување на јавниот интерес во културата за оваа и годините наназад и сè ќе ви стане јасно! Нам, парафразирано, во практиката очајно нѝ прилега онаа „give a man a fish and he’ll eat for a day, teach him how to fish and he’ll eat forever“.

Фото: БОШ

Во досегашните изданија на фестивалот поминаа голем број на уметници и изведувачи. Со каква идеја се тргнува секоја година кога се работи на програмата?

„Барем за нијанса поквалитетно од лани“. Оваа максима е уште од самите почетоци. Со други зборови и во најмала рака, тоа значи поинтерактивно, поразнолико, подостапно, поинтегративно. Ова не се обични флоскули, туку сериозни концепти и идеи за разработка кои секоја година тимски ги идентификуваме, елаборираме и се обидуваме програмски да ги спроведеме. Понекогаш станува навистина „жешко“, но на крајот на денот, а кога сте фокусирани на изнаоѓање решенија, обично и доаѓате до самите решенија.

Кон што се стреми тимот на БОШ фестивал? Што може да се очекува од овогодинешната програма и кој е тимот кој стои зад фестивалот?

Овогодинешната програма ќе го задржи својот генерален курс, а тоа е да се понудат квалитетни  форми и содржини на алтернативен креативен израз. Инфраструктурно, исто така ќе има одредени новини, т.е. БОШ ќе се случува на нова локација во Гевгелија. Секако, тука не ни бега и БОШ Rechargeable на „Сифулајските острови“. Воглавно, БОШ 7 ќе биде уште едно несекојдневно искуство за паметење.

Фото: БОШ

Инаку, тимот постојано се шири и збогатува со човечки потенцијал. Моментално истиот го сочинуваат Марија Стојанова, Стефчо Стефанов, Ангел Миов, Магдалена Делкова, Зорица Димитрова, Оливера Томиќ, Блаже Прошевски, Стефан Алијевиќ, Мелани Димитровска и уште еден куп други пријатели и поддржувачи од цела Македонија и странство.

Колку македонската публика е научена да посетува фестивали и што според вас е потребно за да ги поттикне да посетуваат повеќе?

Македонската публика, отсекогаш знаела и знае што сака… Секој фестивал, по default би требало да си го гради и негува односот со својата публика. Е сега, можеби она што недостасува во овој домен е искреноста во пристапот кон својата публика, особено кога истата таа публика платила, а не добива соодветна вредност и третман за своите пари. А парите се единствено резултат, и една од потребите, но во никој случај не би требало да бидат примарна цел, доволна сама за себе. Јас знам дека за повеќето луѓе од фелата, фестивалите во најголема мера се бизнис како и секој друг, но сметам дека доколку нема искреност во пристапот со својата публика, таа тоа веднаш ќе го осети и соодветно ќе реагира. Она што барем на БОШ не му фали во пристапот со својата публика е идејата и одговорот на она исконско-прашално „зошто“. Идеја и одговор, со кои се идентификува и самата наша публика. Оттука, таа и многу полесно ќе ни прости доколку „пивото не е доволно изладено“, но потешко, доколку се искомпромитира она „зошто“-то.

Што ќе се случи ако не успеете да ги соберете средствата што ви се потребни за фестивалот? Дали имате резервна опција?

Ќе се случи БОШ 7, а ако успееме да ги собереме средствата, повторно ќе се случи БОШ 7. Од 28 до 30 август во Гевгелија. Бидете подготвени, дополнителни информации ќе објавиме наскоро. Земете си шатор и камп опрема, ведрина и спокојство, и барем еден тон љубов. За сè друго, ние ќе се погрижиме.

Е.П.