Седми Студентски пленум во среда: Ајде да го освоиме назад универзитетот

Студентски пленум преку Фејсбук настан го закажа седмиот студентски собир за среда (11 февруари) напладне пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Пленумот објаснува дека одложувањето на примената на членовите од законот, бил само прв чекор кон она што го бараат, нов закон со кој системски ќе се ревидира концептот на високо образование.

„Ветувања чувме, но немаме намера да седиме дома и да се надеваме дека кармата ќе го стори останатото. До овде стигнавме, затоа што сложни, гласно на сите начини се спротивставуваме на наметнатите реформи во високото образование. Ајде да го освоиме назад универзитетот, време е да креираме автономна зона!“, се вели во описот на настанот.

Во петокот, Студентскиот заедно со Професорскиот пленум беа вонредно повикани од премиерот Никола Груевски на средба во Владата на РМ на која заедно со претставници од УКИМ се зборуваше за измените во Законот за високо образование.

Веднаш по средбата, ректорот Велимир Стојковски пред медиумите соопшти дека Законот за високо образование ќе биде одложен, односно државниот испит за студентите е одложен за една година, а останатите спорни измени се одложени за две години . Но, Пленумци се огласија преку својот Твитер профил дека ништо не било договорено.

„Дечки, денес ништо не беше договорено, туку премиерот излезе со ПОНУДА. Дали ќе се прифати ќе одлучат сите студенти заедно!“, пишуваше на твитот.

Тие подоцна преку соопштение кажаа дека студентите се сложни во ставот дека аргументите на нивните претставници го убедиле премиерот во апсурдноста на законот, а воедно соопштија дека студентскиот фронт не е затворен.

По студентите и професорите се огласија преку свое соопштение. Тие најавија дека ќе се вклучат во работата за изготвување на новите законски решенија, но дека не се откажуваат од легитимното право на вониституционално делување во случај на изневерени очекувања.

На последниот Генерален пленум пак, студентите ги разгледуваа меѓусебните ставови за тоа дали ќе се оди на дијалог преку кој студентите ќе се обидат да го натераат Министерството за образование и наука да ги повлече законските измени со кои се воведе државен испит или тоа да го направат со вонинституционални начини како што е окупацијата  на факултетите. Тие уште тогаш не ја отфрлаа можноста да дејствуваат и на двата начини.