Сеча во Градски парк, од „Паркови и зеленило“ велат дека дрвјата биле стари

Последното сечење на дрвја во Градскиот парк во Скопје за време на празниците предизвика силни реакции на социјалните мрежи. Граѓани објавуваа фотографии од исечените дрвја и бараа одговорност од градските власти, алармирајќи на последиците од ваквите акции врз нивното здравје и изгледот на паркот.

„Продолжува сечата во парк, овојпат жртва е најголемото стебло во тој дел од паркот!“, „Како да се сопре ова лудило!!!„Зарем нема „чувари“ во паркот?“, беа дел од реакциите на социјалните мрежи.

Од „Паркови и зеленило“ пак велат дека во декември и јануари биле исечени само пет дрвја во Градскиот парк, и тоа тополи и јасен. Причината, појаснуваат, била староста и деградираноста на дрвјата. Тие се оградуваат од обвинувањата дека неконтролирано се сечат дрвја низ градот.

„За секое исечено дрвје имаме решение издадено од Град Скопје. Сами не можеме ништо да исечеме, па да се работи и за приватен двор. Стручни служби испитуваат на терен и ни праќаат решение што ние го спроведуваме“, вели портпаролката на „Паркови и зеленило“ Елизабета Георгиевска за Радио МОФ.

Исечените тополи во паркот се дел од претходно најавениот план на „Паркови и зеленило“ за сечење на сите преостанати тополи на подрачјето на главниот град, бидејќи претставувале опасност. Георгиевска појасни дека за истовремено се садат нови дрвја во паркот, но не прецизираше колкава е нивнатабројка. Додава и дека напролет ќе се ставаат нови садници.

Сепак граѓаните, се загрижени за она што му се случува на паркот. Сечата околу празниците не е единствената за која пристигнуваат реакции. И во август, минатата година, во близина на канцеларијата на градоначалникот Коце Трајановски се сечеа дрвја, на денот на стогодишнината од постоењето на паркот.