Се собираат средства за разубавување на детските градинки

Здружението SWTA Македонија и Младинскиот совет при Американската Амбасада во Скопје преку платформата „Letsfundit.mk“ собираат средства за бојадисување и разубавување на неколку детски градинки. YANA (You are not alone) е иницијатива чија цел е да го одбележи “9/11 Денот на сеќавање и служба” и да го поттикне волoнтаризмот во Македонија. Истовремено оваа иницијатива сака да ги поттикне луѓето, но и компаниите да бидат општествено одговорни преку грижата кон заедницата и животната средина.

Се собираат средства за разубавување на детските градинки

„Градинката е место во кое нашите и вашите деца поминуваат поголем дел од денот, каде за прв пат имаат допир со надворешниот свет далеку од своите родители, тука ја доживуваат првата љубов, првата караница, првото искрено другарство. Но, градинката е многу повеќе од тоа… Тука учат за животот, за дисциплината, учат како да ги делат играчките со своите пријатели со што ја градат и сопствената личност. Ако сте прошетале низ вашето маало, сте забележале градинки со скршени огради, ѕидови нацртани со графити, искршени клупи. Ќе се расчисти дворот во градинката ‘‘Ганча Туфа‘‘ во Крушево и ќе се постават нови клупи, а во ‘‘Наша иднина‘‘ – Прилеп ќе се реновира и бојадисува оградата. Со цел да донесеме насмевка на детските лица, на 13-ти септември заедно со сите волонтери кои ќе се пријават од цела Македонија сакаме да придонесеме за градинките и да вложиме во идните генерации така што ќе ги бојадисаме ѕидовите во градинките, ќе ги замениме оградите, ќе ги поправиме клупите и ќе им поклониме едукативни играчки кои ќе помогнат за понатамошниот развој на најмалите“, најавуваат од Иницијативата.

Во рамките на истата Иницијатива паралелно се одвива уште една акција за обележување на планинарската патека на Водно.