Се разгледува можноста за брзи тестови во училиштата, вели министерот Филипче

„Разгледуваме и некои светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзите тестови кај децата, итн… сето тоа се разгледува од страна на експертите“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Во меѓувреме тој ги повика младите на масовна вакцинација, а посебно родителите чии деца почнуваат во училиште или градинка.

„Важно е нивните родители да се вакцинираат со цел да се обезбедат семејствата. Ова е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата. Сите пандемии и епидемии гледано историски наназад завршиле исклучиво со вакцинација, не со прележување на болеста и сега кога го имаме овој механизам на располагање и веќе кога е докажано ефикасен, односно ефективен, а тоа сега се манифестира со релативно помалиот број на пациенти во градовите кадешто е поголем опфатот со вакцинација, тоа е единствениот механизам целосно да се смени сликата со пандемијата како кај нас, во регионот и во целиот свет“, додаде Филипче.

Тој изјави дека засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но дека е можно да се донесат и други препораки, во зависност од тоа како ќе се одвива епидемијата.

Филипче посочи и дека во последниот период значително е пораснат интересот за вакцинација на помладите групи на граѓани, од 18 до 40 години.

„Сега таа бројка изнесува некаде околу 170.000 граѓани, што е според анализите 26% од вкупното население во тие возрасни групи. Во просек околу 10.000 граѓани се вакцинираат дневно, а близу 700.000 се опфатени со прва доза, од кои 510.000 граѓани се ревакцинирани“, рече тој.

Во болниците пак, ситуацијата, вели дека е и понатаму иста, а со преполнети капацитети моментално функционираат болниците во Тетово и Гостивар, а слично е и во Кичево и Струга., од каде преку систем на координација, секој пациент на којшто му е потребна хоспитализација се транспортира и сместува во Скопје.

Истовремено, Филипче истакна дека бројките на новодијагностицирани со Ковид-19 опаѓаат.

„Но, премногу е рано да се каже дека тоа е некаков тренд. Затоа будно ја следиме ситуацијата и се анализираат сите параметри“, рече Филипче.

За или против – Што велат младите за вакцинацијата