За или против – Што велат младите за вакцинацијата

Откако новите ковид мерки од неодамна стапија на сила, на поголем дел од младите им беше оневозможен влез во кафулиња, угостителски објекти, културни настани, бидејќи се уште немаат сертификат за вакцинација, потврда за примена прва доза или сертификат за прележан КОВИД 19.

Дали и како младите ја оценуваат оваа ковид мерка на Владата? Колку за нив е достапна „посакуваната“ вакцина? Што планираат? Во период на масовна имунизација на населението во која с евклучени и младите, разговоравме со студентите Јовица Јанковиќ од Скопје и Климентина Кованцалиева од Гевгелија.

Кој е твојот став во врска со вакцините? 

Климентина: Вакцинацијата треба да е право на избор, како и било која друга одлука во животот. Секој се вакцинира на своја одговорност и сметам дека не треба да биде наметната присилно.

Јовица: Мојот став во врска со вакцините е следниот- доколку некој човек има волја, услови и пристап за да прими вакцина – тогаш тоа треба да го направи. Никој не треба да биде присилен да се вакцинира ако не сака, меѓутоа сите треба да донесат објективна одлука од вистински извори наспроти лажните вести кои се воспостави како огромен проблем за тек на оваа пандемија.

Дали имаш блиски пријатели односно врсници кои примиле вакцина? Ако да, како го поминале процесот на имунизација?

Јовица: Имам блиски пријатели кои примиле вакцина, од кои повеќето поминаа без никакви реакции, а тие кои имале ја поминале за само неколку денови. Јас лично немав никаква реакција помеѓу двете дози.

Климентина: Да, имам блиски пријатели кои имаат се вакцинирано и процесот на имунизација им помина како секоја претходна примена вакцина: со вртоглавици, трпнење на раката, температура…

Како тебе лично како млада личност ти влијаат новите ковид мерки? Дали те ограничуваат во твојата слобода?

Климентина: Да, како сеуште невакцинирана личност новите мерки ја ограничуваат мојата слобода, но тоа нема некое негативно влијание врз мене. Овие мерки ми создаваат нови секојдневни рутини, но ако се забрани влез пример во образовните установи без вакцина ќе ми биде одземено правото на самостоен избор т.е ќе бидам присилно вакцинирана за да можам да го продолжам моето понатамошно образование и едукација.

Јовица: Со тоа што сум вакциниран јас немам осетено никаква промена во мојот начин на живеење, и можам да констатирам дека немам никакво ограничување во својата слобода.

Што мислиш дали младите луѓе главно се вакцинираат за заштита или пак за патување, слободно движеше, образование во странство и слично?

Климентина: Мислам дека повеќето од младите се вакцинираат и веќе се вакцинираа поради слободно движење во и надвор од државата. Но, исто така многу млади се вакцинираат од страв за понатамошниот јавен и социјален живот ако не ја примат вакцината: пример за влез во јавни установи, образовни установи, угостителски објекти, медицински центри итн.

Јовица: И тоа и тоа. Има млади луѓе кои се вакцинираат прво поради здравје, а потоа за се останато. Но би можел да кажам дека поголемиот број на млади се вакцинирани со цел да се вратат на својот нормален живот – дали е тоа студирање тука или во странство, поголема дружба со своите пријатели без страв или за да седнат во кафана/кафич.

Дали наставата треба да биде онлајн, комбинирано или со целосно физичко присуство, или пак треба да постои одредена бариера помеѓу вакцинираните и невакцинираните?

Јовица: Факултетите треба да проценат колку е капацитетот за да се започне со физичка настава и како би можеле да продолжат откако ќе дојде следниот бран на новозаразени. Овде предност имаат приватните факултети со тоа што имаат капацитет да ги сместат помалиот број на студенти наспроти државните кои не верувам дека можат да го постигнат истото. Дали е тоа комбинирана или физичка настава, сите треба да се потрудиме за никогаш повторно да не се вратиме на константна онлајн настава.

Климентина: Мислам дека наставата треба да биде со целосно физичко присуство, бидејќи битно е за социјализација на младите, градење самодоверба, стекнување подобри вештини и зголемување на знаењето. Начинот на кој се одвива онлајн наставата во Македонија, а и во околните земји, не е доволно усовршен и добро спроведен или организиран. Знаењето кое треба да го стекнеме овие години треба да не води кон правили одлуки и успеси во понатамошниот живот. И не треба да има бариери помеѓу вакцинираните и невакцинираните, бидејќи сепак вакцинацијата е индивидуален избор на личноста и секој што ја прима или не ја прима вакцината има свои различни причини.

Според тебе, колку вакцините се достапни за младите во нашата земја и што со правото на избор за посакуваната вакцина?

Климентина: Вакцините во нашата земја се веќе достапни за сите млади и имаме избор да ја одбереме вакцината со која сакаме да се вакцинираме или моментално е достапна.

Јовица: Дефинитивно во Македонија имаме опција за вакцини, истовремено и пристап до вакцини. За тие кои не веруваат во вакцината од „западот“ имаат избор од „исток“ и обратно. Има отприлика околу месец и пол откако нема потреба да се пријавуваме на официјалната страница за вакцинација и сите можеме сега да се вакцинираме без никаква бирократија, освен формулар и лична карта. Ова е одлично за разлика од пред пола година кога сите се плашевме дали некогаш сериозно ќе го започнеме процесот за имунизација.

 Со оглед на тоа дека живееме во време на дигитализација, од каде ги добиваш информациите за ефективноста и безбедноста на вакцината?

Климентина: Било какви информации поврзани со вакцината најчесто наоѓам на странски статии на Интернет, разни интервјуа со медицински лица, исто како и од локалните луѓе во околното општество.

Јовица: Дигитализацијата може да биде предност но и може да одмогне. За жал кај нас во Македонија ова е втората опција. На социјалните мрежи има илјадници страни и профили кои шират лажни вести комплементарно со огромна бројка на народ кој верува во истите. Лажните вести се шират полесно од кој било сој на корона што може да се замисли. Информациите во врска со пандемијата ги добивам од медицински лица кои баш токму ја работат оваа област, заедно со организациите кои работат во оваа област. Едноставно е – верувам на науката.

Што мислиш дека може да биде пресудно за да се зголеми стапката на вакцина кај младите?

Јовица: Верувам дека со самото тоа што преку вакцина имаш можност да се заштитиш себеси и тие околу тебе треба да се доволно причина за некој да има желба да се вакцинира, но без разлика дали се согласувате со новите мерки или не, сигурен сум дека поттикнало поголем број на млади луѓе да примат првата доза на вакцината.

Климентина: Ништо. Секој си има свој став и свое мислење. Индивидуалното размислување е причина дали некој ќе се вакцинира или не.

Зошто ти се (не) се вакцинираше?

Климентина: Сè уште не сум вакцинирана бидејќи сметам дека вакцините сеуште не се доволно испитани и проучени и не се знаат многу информации за истите.

Јовица: Јас се вакцинирав за да се заштитам себеси и тие околу мене, за да можам безгрижно да патувам и да се дружам со луѓе кои не сум имал можност да ги видам во текот на оваа пандемија. Верувам дека сите научивме разни лекции и собравме многу искуства поради коронавирусот, и баш токму поради тие искуства решив да се вакцинирам. За никогаш повеќе присилно да седиме дома, никогаш повеќе да не се плашиме, и за да си го вратиме остатокот од своите изгубени студентски денови.

Станиша Станковиќ