Сценаристите во Холивуд постигнаа договор за прекин на петмесечниот штрајк

Американските сценаристи соопштија дека постигнале првичен договор со директорите на филмските студија со кој ќе се стави крај на штрајкот кој траеше речиси пет месеци.

Здружението на американски сценаристи потврди дека договорот „е извонреден, со значајни придобивки и заштити за сценаристите“. Сепак, членовите за Здружението треба да гласаат за овој договор да се официјализира, пренесува Би-Би-Си.

Од Здружението напоменаа дека предложениот договор уште има одредени детали кои треба да се финализираат и дека штрајкот се` уште не е ставен во мирување, но дека повеќе нема да прават демонстрации пред филмските студија.

Ова беше најдолг штрајк кој се случи во Холивуд последниве неколку децении и комплетно ја запре филмската и телевизиска продукција во САД.

Штрајкот на сценаристите започна на 2 мај и досега ја чинеше економијата на Калифорнија повеќе милијарди долари.

Холивудската публикација „Варајати“ извести дека вработените во ток-шоуата ќе можат да се вратат на работа веќе утре, додавајќи дека овие емисии ќе можат да продолжат да се емитуваат од октомври.

Истрајноста на сценаристите стави во мирување најголем дел од американските популарни емисии и серии. Освен поголеми плати, тие сакаа да го изразат и нивниот страв дека вештачката интелигенција во иднина може да се користи наместо нивните вештини.

На преговорите последниве денови учествуваа и директорите на Нетфликс, Дизни, Универзал и Ворнер Брос Дисковери, кои додадоа нов моментум во целиот процес.

Во дополнителен спор се наоѓаат и актерите, кои исто така штрајкуваат од средината на јули. Тие се застапени од синдикатот на актери кој брои 160 илјади членови.