Фестивалот „Санденс“ повторно со виртуелно издание поради коронавирусот

Само две недели пред да се случи во Парк Сити, Јута, еден од најистакнатите независни филмски фестивали „Санденс“, најави дека се враќа на целосно виртуелно издание поради актуелниот бран на коронавирус.

Организаторите објавија дека фестивалот ќе започне според планираното на 20 јануари, но ќе се префрли на интернет. „Санденс“ првично беше планиран како хибриден, со прикажување и во Парк Сити, и онлајн. Минатогодишниот „Санденс“ исто така се одржа виртуелно поради пандемијата.

„Ова беше тешка одлука“, се вели во соопштението на фестивалот. „Како непрофитна организација, нашиот дух е да направиме нешто да функционира спротивно на шансите. Но, при прогнози дека бројот на заболени луѓе ќе достигне врв додека се одржува фестивалот, не можеме свесно да ги изложиме на ризик нашиот персонал и заедницата“.

Откажувањето на „Санденс“ е огромен удар за независната филмска индустрија која се бореше да остане во живот за време на пандемијата. Минатогодишниот виртуелен „Санденс“, каде филмови како „Summer of Soul и „CODA“ направија голем „бум“, покажа дека дигиталниот фестивал сè уште може да поттикне впечатливи дела. Но, филмаџиите, режисерите, публиката и новинарите се надеваа дека „Санденс“ – најдобриот американски филмски фестивал и лансирно место за млади филмаџии – повторно би можел да ја започне новата филмска година со преполни премиери во планините Јута.

Институтот Санденс, кој го реализира фестивалот, се држеше онолку долго колку што можеше при донесувањето на одлуката. Кон крајот на декември, кога заразната омикронска варијанта на КОВИД-19 ги зголемуваше случаите на национално ниво, фестивалот објави дека за присуство ќе бидат потребни бустер дози вакцини, капацитетот на публиката да се намали и нема да се дозволува храна или пијалок во кината.

„Ние не веруваме дека е безбедно ниту изводливо да се соберат илјадници уметници, публика, вработени, волонтери и партнери од целиот свет на 11-дневен фестивал додека преоптоварените заедници веќе се борат да обезбедат основни услуги“, соопшти фестивалот.

„Санденс“, кој ќе се одвива од 20 до 30 јануари, претходно објави листа од 82 долгометражни филмови избрани од повеќе од 3.700 пријавени. Ким Јутани, програмскиот директор на „Санденс“ веќе посочи дека „овогодинешната програма ги одразува вознемирувачките и несигурните времиња во кои живеевме изминатата година и половина“.