Саудиското обвинителство бара смртна казна за професор поради користење социјални мрежи

Истакнат професор по право во Саудиска Арабија се соочува со смртна казна поради наводни кривични дела поврзани со имање профил на Твитер и користење на ВатсАп за споделување вести кои се сметаат за „непријателски“ за кралството, пренесува Гардијан кои имале увид во судските документи.

Апсењето на 65-годишниот професор Авад Ал-Карни, кој се залага за реформирање на државата, претставуваше почеток на прогонот на критичарите на тогаш новиот принц престолонаследник, Мохамед бин Салман во септември 2017 година.

Деталите од обвинението против Ал-Карни биле споделени со Гардијан од неговиот син Насер, кој минатата година избега од Саудиска Арабија и живее во Велика Британија каде бара азил. Обвинителите побарале смртна казна во случајот, но судот се` уште нема донесено формална одлука.

Ал-Карни во државните саудиски медиуми е карактеризиран како опасен проповедник, но дисидентите велат дека тој е важен и угледен интелектуалец со голем број следбеници на социјалните мрежи, меѓу кои и 2 милиони следбеници на Твитер.

Активистите за човекови права и дисидентите од Саудиска Арабија кои живеат во егзил предупредуваат дека властите во кралството се впуштени во нов, силен прогон на поединци кои се сметаат за критичари на саудиската влада.

Џид Басјуни од невладината организација „Реприв“, која помага во заштитата на човековите права, вели дека случајот на Ал-Карни е дел од трендот кој го забележуваат меѓу професори и академици кои се соочуваат со смртни казни поради твитање или изразување на нивните мислења.

„Саудиска Арабија се обидува да проектира меѓународна слика дека инвестираат во технологија, модерна инфраструктура, спорт и забавам, но истовремено тоа е целосно неспоиво со случаите кои ги гледаме, каде зборуваме за обвинител под раководство на Мохамед бин Салман, кој бара луѓе да се погубат за нивните мислења, твитови, дискусии. Тие не се опасни, ниту пак бараат соборување на власта“, објаснува Басјуни.

Сепак, документите кои биле споделени со Гардијан покажуваат дека користењето на социјалните мрежи и други комуникациски платформи било криминализирано во Саудиска Арабија од почетокот на власта на принцот Бин Салман.

Саудиската влада и инвеститорите поврзани со државата во последниот период го имаат зголеменот својот инвестициски удел во американските социјални мрежи, меѓу кои Фејсбук и Твитер, како и во компанијата Дизни од забавната индустрија. Саудискиот принц Алвалед Бин Талал е втор најголем инвеститор во Твитер откако Илон Маск ја презеде платформата. Паралелно, саудискиот јавен инвестициски фонд го зголемува својот удел во Мета, компанијата под чија сопственост се Фејсбук и ВатсАп.

Во обвинението против Ал-Карни стои дека професорот „признал“ дека користел профил на социјална мрежа под свое име (@awadalqarni) и „ја користел секоја можност да ги изрази своите мислења“. Документите покажуваат и дека „признал“ дека учествувал во ВатсАп разговор и е обвинет за учество во видеа во кои ја фали организацијата Муслиманско братство. Во обвинението е вклучено и наводното користење на Телеграм од страна на професорот.

Минатата година Салма Ал-Шебаб, докторантка на Универзитетот во Лидс, доби затворска казна од 34 години поради тоа што имала Твитер профил и поради следење и ретвитање на дисиденти и активисти. Уште една жена, Нура Ал-Катани беше осудена на 45 години затвор поради користење на Твитер.