Сашо Мијалков се појави во Обвинителството за организиран криминал

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков по кој се трагаше изминатите два дена, предмалку се појавил пред Обвинителството за организиран криминал.

Ваквата информација ја сподели со јавноста премиерот Зоран Заев на Фејсбук и истакна дека е обезбеден неговиот домашен притвор.

„Институциите ги презедоа сите редовни и вонредни мерки во врска со бегството на Сашо Мијалков. Координацијата помеѓу сите институции со сите активности што се презедоа во последниве 40 часа дадоа резултат. Правдата е обезбедена, ќе ја има и повеќе и почесто!“, стои во објавата на Заев.

После преземената акција објавувам конкретен резултат од кој имаме значаен успех:
Се пријави Сашо Мијалков во…

Posted by Zoran Zaev on Tuesday, February 23, 2021

Полицијата по него трагаше од неделата, откако не успеа да го најде во неговиот дом во неделата, а откако претходно беше донесена судска одлука да му биде одреден куќе притвор пред донесувањет она пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“.

Против Мијалков беше распишана национална и меѓународна потерница.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно на прес-конференција посочи дека според нивните анализи и проценки сметаат дека тој се уште е во државата и дека не ја напуштил.

Мијалков е обвинет во случајот „Таргет-Тврдина“, главниот судски процес за масовното нелегално прислушкување кое го спроведувала УБК во периодот од 2008 до 2015 година, кој првично го отвори Специјалното јавно обвинителство па го презеде Основното јавно обвинителство.

Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, за што Обвинителството бара максимална казна. Пресудата треба да биде изречена на 26 февруари.