Спасовски не чувствува одговорност, МВР проценува дека Мијалков не ја напуштил земјата

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека интензивно продолжува потрагата по поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков кој од пред два дена е во бегство. Тој информираше дека се прават информативни разговори со лица кои можат да поседуваат информации, или пак се поврзани со овој случај.

„Според сите наши анализи и проценки сметаме дека сè уште е во државава и дека не ја напуштил Северна Македонија. Потражните дејствија се во тек. Ако ние знаевме каде е Мијалков веројатно веќе ќе беше во притвор. Но, сите анализи и проценки и врз основа на информациите кои ги добиваме наша увереност е дека е во државава и секако дека работиме на негово пронаоѓање и негово приведување пред лицето на правдата“, рече Спасовски.

Запрашан за тоа дали размислувал да преземе морална одговорност, бидејќи додека раководи со МВР избегаа поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК, Мијалков, Спасовски изјави дека не размислува за оставка.

„Морален чин на одговорност е во моменти кога вие ќе процените дека сте направиле сериозни пропусти, или нешто што зависело од вас не сте го направиле, не сте преземале одредени дејствија во однос на бегството на Сашо Мијалков. Не треба да правиме задоволување на пошироките структури во државата, само да се задоволиме дека некој ќе поднесе оставка. Не. Тоа значи повлекување и дефанзива. Ние треба да се бориме да одиме напред. Да се бориме против криминалот и корупцијата и тоа треба да го прават сите институции. Затоа реков, мораме системот да го консолидираме и да го менуваме. И прстот не може да се впери кон еден, кон друг или кон трет. Прстот мора да го впериме кон институциите, да ги консолидираме. А кој во институциите прави пропусти, секако дека се анализира, и за тоа треба да има одговорност“, рече Спасовски.

Во неделата полицијата не успеала да го најде Мијалков во неговиот дом по судска одлука да му биде доделен куќен притвор пред пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ и оттогаш трае потрагата по него. Против него беше распишана национална и меѓународна потерница.

Мијалков е обвинет во случајот „Таргет-Тврдина“, главниот судски процес за масовното нелегално прислушкување кое го спроведувала УБК во периодот од 2008 до 2015 година, кој првично го отвори Специјалното јавно обвинителство па го презеде Основното јавно обвинителство. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, за што Обвинителството бара максимална казна. Пресудата треба да биде изречена на 26 февруари.