Саемот на книга донира по 100 книги на СОС Детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“

Во чест на 23 април, Светскиот ден на книгата, на 36. издание на Саемот на книга, Скопски Саем како организатор на Саемот предаде две добротворни донации за СОС Детското село и за ДУЦОР „Партенија Зографски“ за деца со оштетен слух.

Донациите содржат вкупно 200 книги (по 100 за секоја од двете институции) од различни жанрови од домашни и странски автори, кои ќе помогнат да се доближи културата за читање кај овие деца.

„За децата е важно да имаат приказни од кои се воодушевуваат, херои на кои се угледуваат и совети од кои можат да научат нешто. Читањето на книги им дава на децата шанса да запознаат нови светови, но и да стекнат важни и корисни навики. Токму затоа е важно да се всади љубовта за пишаниот збор во развојната возраст, кога се дефинираат и најголемиот дел од навиките кои нè следат цел живот“, велат од Скопски саем.

Оваа донација е продолжување на хуманитарната акција која се спроведува во текот на целиот Саем на книга 2024, преку која 15 денари од секоја продадена редовна влезница се одвојуваат за помош на СОС Детското село.

„Саемот на книгата постои за секоја година да нѐ потсетува за важноста на приказните кои ги дознаваме, ги читаме и ги прераскажуваме на другите. Затоа и се обидуваме овие приказни да ги споделиме со што повеќе деца, кои во нив можат да пронајдат безброј мали светови за себе. Се надеваме дека нашата донација барем малку ќе помогне за овие деца да успеат да ја најдат својата омилена приказна и да го засакаат читањето како навика“, изјави Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем.

Подарувањето по 100 книги за СОС Детското село и за ДУЦОР „Партенија Зографски“ за деца со оштетен слух претставува заедничка донација на Скопски саем и дел од издавачите, учесници на Саемот: Академска книга, Арс ламина, Издавачки центар Три, Сакам книги, Антолог, ПНВ Публикации, Славика либрис, Сказнувалка, Светулка нова. Исто така, Бокси како учесник на Саемот овозможува годишна претплата на електронски изданија на книги на секое дете од двете институции.