Саем на книга 2024 ќе се одржува од 18 до 24 април

Под слоганот „Приказна се чита“ годинешното издание на Саемот на книга ќе се одржи од 18 до 24 април во Арената Борис Трајковски во Скопје.

Организаторите велат дека како и претходните години, практично сите издавачи и автори од Македонија ќе ги претстават своите дела пред посетителите, а Саемот ќе биде надополнет и со повеќе издавачи од регионот,
како Србија, Турција, Албанија, Косово и други. Оттаму се најавуваат и средби со автори, промоции и попусти, а ќе биде претставена и богата програма за деца и млади.

„Слоганот ‘Приказна се чита’ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (eng. story = приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време“, се вели во најавата за годинешното издание.

Организаторите сметаат дека внимателно избраната комуникација со носечката порака „Приказна се чита“ има за цел да го привлече вниманието на помладата популација и да го „сруши“ митот дека социјалните мрежи се користат исклучително за негативни работи.

„И оваа година се очекува голем број на дечиња да го посетат Саемот на книга преку организираните
групни училишни посети, кои традиционално претставуваат дел од овој настан и ја полнат саемската сала со млади, љубопитни очиња кои ги избираат нивните први книжевни авантури“, велат оттаму.

Вратите на Саемот на книга 2024 ќе се отворат во четврток на 18 април и ќе бидат отворени
секој ден од 10:00 до 20:00 часот, до среда 24 април. Билети можат да се најдат на влезот на Саемот, како и онлајн преку www.karti.com.mk.

Министерството за култура на РСМ го поддржува Саемот на книгата во својство на Покровител, како најголема книжевна манифестација во земјата.