Распишан конкурсот за наградите на Македонската асоцијација на издавачи

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) го распиша конкурсот за наградите за најдобри достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема на книга.

Асоцијацијата за време на Саемот на книгата кој ќе се одржи од 3 до 9 мај ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до овогодишниот саем, односно од септември 2021 година до мај 2022 година.

Оттука, МАИ ги покани сите издавачи од земјава да ги испратат своите најдобри проекти и да учествуваат во трката за најдобри постигнувања во следниве категории:

1. признание за најдобра едиција,
2. признание за најдобро ликовно-графички уредено издание,
3. признание за најдобра книга за деца,
4. признание за автор на годината,
5. признание за најкреативно издание,
6. признание за поттикнување на општествена одговорност,
7. специјално признание за промотор на читачката култура и
8. признание за иновативност.

„Наградите на МАИ, кои оваа година се доделуваат по шести пат, секоја година стануваат сè позначајни за издавачите. Нивната важност и тежина се огледува во фактот што за нив одлучува независна жири комисија составена од тројца членови, истакнати професионалци во доменот на книжевноста и графичкиот дизајн“, соопштија од МАИ.

Комисијата оваа година е во состав на новинарката за култура Весна Дамчевска, книжевникот и театролог Сашо Димоски и графичкиот дизајнер и арт-директор Никола Војнов.

„Наградите што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи се признание за најкреативните и највредни автори, илустратори, издавачи и промотори на читањето, а нивната улога е да постават пример и да бидат инспирација за сите останати со крајна цел издаваштвото во нашата држава постојано да се развива и да поставува сè повисоки стандарди“, вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.

Документот за аплицирање издавачите можат да го добијат, со тоа што ќе контактираат на електронската пошта sekretar@mai.org.mk.

Крајниот рок за испраќање на апликациите е 25 април, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 4 мај, за време на Саемот на книгата.