Саем за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност

Македонската соларна асоцијација третпат го организира Саемот за соларна опрема, кој годинава ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни во Скопје Сити Мол.

На саемот ќе учествуваат над дваесетина реномирани компании од Регионот и Eвропа. Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат најновите трендови и технологии од секторот за соларна енергија, распоредени на 29 локации на приземјето и првиот кат на трговскиот центар.

Во текот на трите саемски денови, посетителите ќе можат да посетат штандови на производители и трговци на соларна опрема како што се: фотоволтаични панели, батерии за складирање на електрична енергија, топлински пумпи, фото/термални колектори за производство на електрична енергија и топла вода, трафостаници, громобранска заштита, инвертери, роботи и машини за чистење на соларни колектори, соларни сушарници, воздушни колектори, електрични велосипеди, електрични полначи, соларни бојлери и многу други сегменти и производи кои користат обновлив извор на енергија.

Преку платформата www.solar.org.mk/b2b посетителите ќе можат да остваруваат и да закажуваат состаноци со самите изложувачи, како и да следат дискусии за користење на обновливи извори на енергија, но и да слушнат препораки од граѓанските организации кои работат во овие сектори.  Дополнително, преку скенирање на QR код ќе можат да ги увидат техно-економските анализи за исплатливост на фотонапонски, термални и фото/термални системи за домаќинствата како и препораките за сертификатите што се важни при избор на ваква опрема.

Македонската соларна асоцијација „Солар Македонија“ е здружение со повеќе од 100 членки и претставува стручно, научно, образовно и невладино здружение,чија мисија е зајакнување на соработката меѓу македонските компании во секторот за сончева енергија (производители, изведувачи, увозници, трговци), како и поврзување на експерти и научници oд сите научни гранки за промоција и поголема искористеност на обновливите извори на енергија.

Здружението работи на повеќе нивоа во синџирот на добавување – од производство до сервис и одржување на сончевите енергетски системи, како и на промоција на сончевата енергија како одржливо решение за енергетските потреби. Дополнително е верифициран тренинг-центар кој издава валидни лиценци за монтажери што се признаени од Министерството за образование и Центарот за образование на возрасни.