Под мотото „Храна за душа“, истакнувајќи ја моќта на пишаниот збор да инспирира, образува и збогатува, Саемот на книга 2025 ќе започне утре (8 мај) и ќе трае до 14 мај во арената „Борис Трајковски“.
„Арената ќе се претвори во центар на литературата, каде посетителите ќе можат да нурнат во светот на книгите и да ја пронајдат вистинската храна што им е потребна на душата“, пишува во соопштението.
Годинешниот саем ќе понуди богата програма со промоции на нови изданија, средби со автори, книжевни панели и интерактивни работилници.
„Познати домашни и странски писатели ќе ги споделат своите инспирации, а издавачите ќе претстават ексклузивни наслови, создадени да го разбудат духот и мислата. Оваа манифестација не е само можност за откривање нови книги, туку и простор каде љубителите на пишаниот збор ќе можат да разменат идеи, да се инспирираат и да почувствуваат како литературата може да биде вистински еликсир за умот и срцето“, додаваат оттаму.
Саемот ќе биде отворен секој ден од 10 до 20 часот, со специјални попусти и промоции достапни за сите посетители.