С. Македонија со прво место за Counter Strike во Европа

Македонската Еспорт Федерација (МЕСФ), во изминатите неколку дена, учествуваше на големиот европски шампионат „European Nations Cup 2021.“ На шампионатот се играа двe е-спорт дисциплини – „Counter Strike: Global Offensive“ и „Pro Evolution Soccer 2021“.

На шампионатот, во кој учествуваа 12 федерации, не претставуваа националните победници од Македонската Еспорт Лига, која одржа натпревари во периодот јуни – јули 2021 година.

ОД МЕСФ информираат дека за прв пат во историјата на МЕСФ и македонската CS:GO сцена освоено е прво место во меѓународен натпревар. Во финалето, македонските претставници ги победиле противниците од Романија со  резултат од 2:0.

„Давид Гаревски, нашиот најдобар ефудбалер покажа солидна игра и успеа да стигне до полуфиналето на PES21 натпреварите. Полуфиналето беше против Србија, кои оваа година се најдобри во Европа и во многу тесни натпревари, нашиот тим изгуби со 2:0“, дополнуваат од МЕСФ.

Македонската Еспорт Федерација е формирана во 2009-та година и е членка на Меѓународната Еспорт Федерација и на Европската Еспорт Федерација. Досега наши учесници биле дел од 15 меѓународни првенства, а ова е првото на кое освојуваме медал.