Рускиот опозиционер Владимир Кара-Мурза доби 25 години затвор за критикување на војната во Украина

Опозицискиот активист Владимир Кара-Мурза доби 25 години затворска казна за предавство и други кривични дела поврзани со неговите критики за војната во Украина, пренесе Би-Би-Си.

Кара-Мурза, кој е поранешен новинар и политичар, е еден од бројните критичари на Путин кои се затворени или принудени да ја напуштат Русија последниов период. Тој ги отфрли сите обвинувања против него на судењето.

„Не само што не жалам за ништо од ова, туку сум горд“, изјави тој пред судот во Москва.

Освен критикувањето на таканаречената „специјална воена операција“ во Украина, Кара-Мурза беше гласен во спротивставувањето на претседателот Владинир Путин и неговата влада во пресметките со критичарите.

41-годишниот опозициски активист исто така имаше и голема улога во убедувањето на Западот да воведе санкции за руски функционери поради нивната улога во кршењето на човековите права и корупцијата.