Руска државна воена телевизија му понуди договор на Jeremy Clarkson

Руската телевизиска станица „Звезда“, која е во сопственост на Министерството за одбрана на оваа земја, му нуди работно место на водителот Jeremy Clarkson, кој неделава беше отпуштен од BBC поради напад врз продуцент на шоуто „Top Gear“.

Претставници на телевизијата му испратиле писмо на Clarkson, во кое го покануваат да дојде во Москва идниот месец и да разговара со нив за почнување на нова емисија за автомобилизмот на телевизијата „Звезда“. Писмото вчера било објавено во информативна емисија на телевизијата, која главно се занимава со војнички теми. Во емисијата бил цитиран и претставник на тимот на Clarkson, кој наводно изјавил дека понудата е пренесена до неговиот клиент и дека тој ја разгледува. Самиот водител засега не ја коментира оваа понуда.

Пред две недели, Clarkson беше суспендиран од тимот на „Top Gear“, откако на снимањето на емисијата во Јоркшир физички го нападнал продуцентот Oisin Tymon. Во средата, генералниот директор на BBC, лордот Tony Hall, лично соопшти дека водителот добива отказ од британскиот национален сервис. Претходно, интернет-петицијата со барање за враќање на Clarkson во популарното шоу ја потпишаа повеќе од милион луѓе.

Гинисовата книга на светски рекорди ја опишува емисијата „Top Gear“ како „најгледаната емисија базирана на факти во светот“. Таа се емитува во 214 земји и територии и има проценета публика од 350 милиони луѓе.