Русија уапси американски новинар и го обвини за шпионажа

Американскиот новинар Еван Гершкович, кој работи за Вол Стрит Журнал, е уапсен во Русија и обвинет за шпионажа.

Гершкович е искусен руски репортер кој работел во Екатеринбург во време кога бил приведен. Од Вол Стрит Журнал изјавија дека се длабоко загрижени за неговата безбедност и одлучно ги отфрлија сите обвиненија против него.

Руските власти, пак, тврдат дека новинарот бил фатен на дело, а разузнувачките служби велат дека Гершкович бил „вмешан во незаконски дејствија“, дека „работел по американски инструкции“ и „собирал државни тајни“.

Неколку часа по приведувањето Гершкович бил изведен пред суд во Москва кој му одредил притвор до 29 мај.

Адвокатот на новинарот вели дека не му било допуштено да влезе во судницата, а новинската агенција Тасс информираше дека Гершкович го негирал обвинението.

Во неговиот последен текст за Вол Стрит Журнал Гершкович известувал за падот на руската економија и како властите се соочувале со огромни воени трошоци додека се обидувале да ги одржат трошоците во социјалните работи.

За шпионажа казните во Русија можат да достигнат и до 20 години затвор.

Дури и пред воената инвазија врз Украина пред нешто повеќе од една година новинарското известување од Русија беше многу тешко. Независните новинари се етикетираат како „странски шпиони“, а дописничката од Русија за Би-Би-Си, Сара Реинсфорд беше протерана од земјата.

Речиси сите независни медиуми беа спречени да работат, згаснати или блокирани. Меѓу нив и големи медиумски куќи како ТВ Дожд, Московско Ехо и Новаја Газета. Најголем дел од западните медиуми решија да ја напуштат Русија.