Русија ги казни Фејсбук и Твитер бидејќи не избришале спорни содржини

Руски суд ги казни американските фирми за социјални медиуми Фејсбук и Твитер поради неуспешно избришани спорни содржини, што претставува нов удар на Русија во конфликтот со големите технолошки компании, објави Ројтерс.

Руските власти последните неколку месеци презедоа чекори за да ги регулира и ограничи  технолошките гиганти, со воведување мали казни за прекршување на содржината, истовремено обидувајќи се да ги принудат странските компании да отворат канцеларии во Русија и да ги чуваат личните податоци на Русите на нејзина територија.

Московскиот суд во областа Тагански соопшти дека го казнил Фејсбук со вкупно 6 милиони рубљи (81.320 американски долари) за две различни административни прекршоци поврзани со одредбите – обврската на сопствениците на веб-страниците да бришат забранети информации.

Судот го казни Твитер вкупно со 5.5 милиони рубљи (над 77 илјади долари), а апликацијата Телеграм исто така доби наредба да плати вкупно 11 милиони рубљи (скоро 150 илјади долари) за три прекршоци, соопшти судот.

Според Ројтерс, компаниите Фејсбук, Твитер и Телеграм не одговориле веднаш на барањата за коментар.

Други земји ги повикаа социјалните медиуми повеќе да контролира содржини. Британскиот министер Борис Џонсон минатата недела се состана со претставници на платформите и предупреди дека ќе се соочат со казни во висина од 10% од нивните глобални приходи, освен ако не отстранат содржини со омраза и расизам.

Како казна, Русија уште од март го успори работењето на Твитер на својата територија, со аргумент дека има постови што содржат детска порнографија, информации за злоупотреба на дрога или повици на малолетнички да извршат самоубиство, соопшти државниот регулатор за комуникации Роскомнадзор.

Од друга страна, Твитер негира дека дозволила платформата да се користи за промовирање на незаконско однесување и вели дека има политика на нулта толеранција кон сексуална експлоатација на деца и забранува промовирање самоубиство или самоповредување.